21-годишен јубилеј од хиротонијата во епископски чин на владиката Марко

На 7 декември 2024 година, кога ги празнуваме св. вмч-ца Екатерина и св. вмч. Меркуриј се служеше Божествена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Делчево.

Денес, одбележуваме и 21 година од хиротонија во епископски чин на Епископот Делчевско-каменички г. Марко. Во чест на одбележувањето на годишнината на Богослужбата началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Врањски г. Пахомиј од Српската православна црква, во сослужение на Епископот Стобиски г. Јаков и Епископот Делчевско-каменички г. Марко, гостинот Јеромонах Јефрем од манастир Конџељ, Прокупље, Србија, како и свештенослужители од Брегалничката, Струмичката и Делчевско-каменичката епархија.

За време на Литургијата, по читањето на светото Евангелие, Епископот Јаков искажа вдахновена беседа во која помеѓу другото истакна:

„Христос не ни ветува раскош и живеење во розов свет полн со задоволства, туку ни потенцира дека секој оној кој сака да Го следи, треба да биде подготвен на жестоки страдања и гонења од луѓето во овоземниот живот. Светот во кој ние егзистираме никогаш нема да нè разбере, бидејќи ние како Христови наследници не сме од овој свет. Ние секојдневно слушаме по медиумите дека сакаме мир и благосостојба, но тоа не може да го постигнеме без Бога и надвор од Црквата и од Литургијата. Ние, примајќи го Христос на Литургијата во вид на Тело и Крв, можеме да очекуваме да станеме Христоподобни, и да го исполниме зборовите на Св. ап. Павле, Кој вели: ’Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене’.“

По Богослужбата верниот народ се причести со Божествените дарови.

На крајот Епископот Марко се заблагодари и истакна:

„Голема чест ми укажавте со Вашето доаѓање, земајќи учество во радоста која ја изразуваме преку благодарноста кон Бога, а таа благодарност ја изразуваме преку Литургијата која е единствената христијанска благодарност кон Бога. Радоста не нè напушта, заради заедничарењето со Господ, Кој заради сите нас воскресна и нас нè воскреснува за живот вечен. Би сакал да му се заблагодарам на Митрополитот г. Пахомиј кој и покрај лошото време, пристигна за да оддаде почит за нашата хиротонија која се случи пред 21 година во Врањската епархија. Исто така благодарност до Владиката Јаков, до градоначалникот на Македонска Каменица и до сите останати кои присуствуваа, денес во храмот во Делчево.“

По завршувањето на Богослужбата во салата на хотел „Либеро“ следуваше промоција на ново издание на Делчевско-каменичката епархија – мал молитвеник. Архијерејскиот намесник, протојереј Александар Васев, ја отвори промоцијата и при тоа искажа:

„И покрај скромните можности за издавачка дејност на епархијата сепак, успеавме да издадеме едно скромно џебно издание на мал молитвеник за потребите на верниците. Следната година се надеваме, да биде поплодоносна во однос на издаваштвото под покровителство на епархијата.“

Извор: https://www.facebook.com/share/p/18hgty64b1/