30 години од основањето на хорот „Св. Злата Мегленска“

На 8 мај 2026 година, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, со свечен духовен концерт се одбележа 30 годишнината од основањето на реномираниот женски камерен хор „Св. Злата Мегленска“.

Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на овој јубилеј присуствуваше Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, кој во име на Архиепископот Стефан го честита јубилејот и посака уште многу вакви јубилеји на овој хор, многу значаен за нашата татковина и црква.

Во својот поздравен говор митрополитот г. Јосиф меѓудругото истакна:

Почитувани,

дозволете на почетокот на моето обраќање во име на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан да ви ги пренесам неговите честитки и благослов по повод вашиот значаен јубилеј 30 години од вашето основање. Ви посакуваме Бог да ви дари уште многу вакви јубилејни концерти.

Овој хор е респектиран состав, ценет не само кај нас, туку и на меѓународно ниво.

Живеејќи во едно  време на секојдневно обеспокојување на човековиот дух, Вашите изведби, пеењето на духовни песни и композиции секогаш ни дава едно спокојство. Така е и сега, тука во овој прекрасен Соборен храм каде дојдовме заеднички да го прославиме Вашиот 30 годишен јубилеј.

Оваа прослава, како и секој Ваш концерт ја радува нашата душа и ја храни со мир и смирение, бидејќи духовната музика не е ништо друго освен молитва, а нејзиното пеење е пред сѐ молење упатено кон Бога, Устроителот и Промислителот на сѐ.

Вечерва, за сиот вложен труд и досегашен подвиг на сите членови и на почитуваната диригентка на хорот „Св. Злата Мегленска“, кој веќе 30 години со песни го слави Името Божјо, им посакувам со иста посветеност, пожртвуваност и љубов да продолжат со нивната работа и да ја промовираат Р. Македонија и нашето христијанско наследство секаде во нашата татковина и светот.

Бог да Ве благослови. Христос Воскресе!

Извор: https://tge.mk/30-godini-od-osnovanje-na-renomiraniot-xor-svzlata-meglenska