На празникот свети Прохор Пчински, во Пјаченца – Р. Италија, на покана на митрополитот Европски г. Пимен, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф сослужуваше на светата архијерејска Литургија, на која началствуваше надлежниот архијереј, Митрополитот Пимен.
Повод за големата празнична радост беше 30 годишниот јубилеј од основањето на Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
Покрај многубројниот верен народ, на Литургијата присуствуваа и генералниот конзул на Македонија во Италија, г-ѓа Фросина Ременски, в.д амбасадор во Рим г-ѓа Магдалена Матеска, директорката на Комсијата ва верски заедници и религиозни групи г-ѓа Оливера Трајковска.
На светата Литургија верниот народ се причести со Светите Тајни.
Во својата поздравна беседа митрополитот г. Јосиф, честитајќи го 30 годишниот јубилеј на Европската епархија на МПЦ-ОА меѓу другото истакна:
„Дозволете најнапред од мое лично име како Митрополит тетовско-гостиварски, искрено со најдлабоки честитки да Ви го честитам овој голем епархиски јубилеј, 30 години од формирањето на Европската епархија при Македонската православна црква – Охридската Архиепископија.
Прославата на овој 30 годишен епархиски јубилеј неминовно нè навраќа во далечната 1994 година, кога членовите на тогашниот Свет архиерејски синод, по примерот на веќе организираните прекугранични епархии во САД, Канада и Австралија, водени од желбата и барањата на големиот број на верен народ раселен низ европските држави, донесува богомудра одлука да се формира и епархија за Европа, каде уште претходно нашиот народ започнал да се организира во свои црковни општини.
Формирањето на македонската Европска епархија е само уште еден доказ за големата вера на македонскиот народ, кој и во далечната туѓина, надвор од своето огниште не заборава на најсветото, на својата прадедовска вера, на верата на своите татковци. Стоејќи денес во овој храм во Пјаченца посветен на нашиот голем светител Прохор Пчински, чиј спомен воедно го славиме и гледајќи Ве сите Вас собрани на ова торжествено литургиско благодарење на Бога, сум убеден дека нашето Православие уште долго ќе опстојува во овие наши македонски црковни општини, кои распространети од Париз и Лондон, па сè до Малме и Загреб уште долго ќе се проповеда словото Божјо на македонски јазик од наши домородни свештеници и на идните македонски поколенија, кои иако родени надвор од својата родина, сепак преку својата вера и љубовта кон Светата Црква, постојано ќе се поврзани со својата земја, бидејќи овие наши храмови по европските земји не се само цркви, тие се и културни места, каде што секој еден Македонец се чувствува како да е дома.
Во изминатите години од самото формирање оваа Епархија како најмлада македонска епархија во дијаспората, бележи секојдневен напредок и успех. Грижата за епархијата водена најнапред од блаженоупокоениот митрополит европски г. Горазд во 2006 година, ја презема Вашиот сегашен трудољубив архиереј, Митрополитот европски г. Пимен, кој максимално со голем елан се посвети паралелно со грижата за веќе формираните и за формирање на нови црковни општини, во кои ќе се црквува и обединува нашиот македонски православен народ. Денес епархијата има 45 општини и се молиме на светиот Прохор и на сите македонски светители за нивен опстој и за изградба на нови храмови за слава на Троичниот Бог.
Како архиереј на МПЦ-ОА, се радувам што сум дел од овој голем епархиски јубилеј, важен за нашата МПЦ-ОА. Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на вашиот архиереј, а мој собрат, Митрополитот г. Пимен за поканата и на сите Вас, за љубовта и вниманието кое сум имал прилика да го почувствувам при посетата на повеќето наши заедници и храмови ширум Европа. Ви посакувам преуспевање во верата и во секое добро дело, а пред сè во љубовта, бидејќи само така ќе нè познаат дека сме вистински Христијани.
Чувајте ја верата, редовно посетувајте ги македонските храмови, присуствувајте на богослуженијата зашто на тој начин се исполнуваат христијанските должности, но и на дело се сведочи љубовта кон Бога, кон татковината и секако кон Епархијата. Сите заедно изминативе 30 години вие допринесувате за развој на оваа богомдарована епархија. Продолжете како и досега, па дај Боже и во иднина да славиме уште поголеми јубилеи и радости! Нека биде така! Честитки уште еднаш и за многу години нека е!“
Извор: https://tge.mk/product/30-godishen-jubilej-od-osnovanjeto-na-evropskata-eparkhija