Пишува: Протојереј Александар Тодоровски
Со особена духовна радост и благодарност кон Бога, во периодот од 5 до 7 септември 2025 година беше свечено одбележан јубилејот – 60 години од осветувањето на Македонската православна катедрала „Св. Климент Охридски“ во Торонто, првиот македонски православен храм во Канада и епархиски соборен храм.
Свеченостите започнаа на 5 септември со „Свечена академија и доделување признанија“, на која присуствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан. Настанот беше отворен со поздравно обраќање на парохискиот свештеник протоереј Александар Тодоровски, кој истакна дека јубилејот претставува историски момент за целата заедница и упати благодарност до сите кои низ овие шест децении се вградувале во изградбата, развојот и зачувувањето на катедралата. Во продолжение, Претседателот на црковната општина г. Борис Стоикос и потпретседателот г. Христијан Роштанковски доделија признанија „60 години Св. Климент“ на поранешните Претседатели, Претседателки на женските секции и на сите досегашни парохиски свештеници.
На 6 септември, во катедралата беше отслужена Вечерна богослужба со чиноначалствување на Архиепископот г.г. Стефан и молитвено присуство на надлежниот Архиереј – Митрополитот Американско-канадски г. Методиј. По завршувањето на богослужбата, во свечено украсената сала на катедралата се одржа Гала банкет, на кој присутните имаа можност да ја почувствуваат духовната и заедничката радост на јубилејот.
Во текот на свечената вечер се обратија Претседателот г. Борис Стоикос, парохискиот свештеник ереј Сашо Целески, а главното слово го упати Архиепископот г.г. Стефан, кој ја нагласи важноста на јубилејот и улогата на катедралата како духовен и национален светилник на македонскиот народ во Канада.
По својот говор, Неговото Блаженство, Архиепископот г.г. Стефан, врз основа на член 77.21 од Уставот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ја објави следната одлука:
„Се доделува Одличие „АРХИЕПИСКОП ДОСИТЕЈ“ на МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКОВНА ОПШТИНА „Св. Климент Охридски“ во Торонто, Канада, по повод 60-годишнината од осветувањето на нејзиниот прв храм. Со Божји благослов, своерачно, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан.“
Ова високо одликување претставува највисока признателност на Македонската православна црква за жртвата, љубовта и посветеноста што низ децениите ги покажувале верните чеда и управите на оваа славна црковна општина, која со своето постоење и дејствување е светол пример за верност и љубов кон Мајката Црква.
На крајот од Гала вечерта, од страна на Претседателот и Управата беше презентиран свечен плак, кој ќе биде поставен пред внатрешниот влез во црквата, како трајно признание за сите кои учествувале во оформувањето и изградбата на оваа света катедрала. На плакот е запишано:
„Додека славиме 60 години од осветувањето на Македонската православна катедрала „Св. Климент Охридски“, Извршниот и Управниот одбор за 2025 година со гордост ги признаваат:
Основачите на нашата црква, нашите епископи, свештеници и ѓакони, хоровите, волонтерите кои го понудија своето време и таленти, финансиските донатори, персоналот, поддржувачите и нашата верна заедница.
Од 1965 до 2025 година, секој од нив придонесе со посветеност, великодушност и љубов, обликувајќи го „Св. Климент Охридски“ во духовен и културен дом за Македонската заедница во Торонто.
Нека овој пресвртница претставува и почит кон Македонската заедница во Торонто и светилник на верата, наследството и единството за идните генерации.“
Свеченостите завршија на 7 септември со торжествена Архиерејска Божествена Литургија, на која сослужуваа Архиепископот г.г. Стефан и Митрополитот г. Методиј, во присуство на бројно свештенство, гости и верници. Со благослов на надлежниот Митрополит, а преку раката на Архиепископот, парохискиот свештеник ереј Сашо Целески беше возвишен во чин протоереј. Овој радосен чин беше круна на тридневната прослава и потврда за благословот Божји врз оваа света катедрала.
Со овие свечености, катедралата „Св. Климент Охридски“ во Торонто уште еднаш покажа дека останува цврст духовен стожер и светилник на православната вера и на македонскиот идентитет во дијаспората. Јубилејот од 60 години е потсетник на жртвата и љубовта на генерациите што ја изградија оваа светиња, но и завет за сегашните и идните поколенија да го продолжат тој пат со истата ревност и љубов.

























































Фотографии: г. Зоран Карапанчев
