Архиепископот г.г. Стефан отслужи Молебен на гробот на св. Кирил во Рим

На 23 мај 2026 година, во предвечерието на празникот на сесловенските просветители – светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополитите: Европски г. Пимен и Дебарско-кичевски г. Георгиј, отслужи Молебен во криптата при базиликата „Свети Климент“ (Сан Клементе) во Рим, каде што почиваат моштите на свети Кирил.

На овој свечен чин, како претставници на високата државна делегација предводена од претседателот на Собранието на РМ, г. Африм Гаши, присуствуваа и координаторите на пратеничките групи: г. Никола Мицевски, г. Оливер Спасовски и г. Беким Ќоку, министерот за култура г. Зоран Љутков, како и генералната секретарка на Собранието, г-ѓа Марина Димовска.

Истовремено, како дел од делегацијата, на настанот присуствуваше и протојереј-ставрофор Зоран Стојанов од Католичката Црква во Македонија.

Годинава, традиционално, делегацијата ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, во која, од тогашниот папа Адријан II, биле благословени преведените книги на словенски јазик, а воедно од светите браќа била отслужена Света Литургија на словенски јазик.

Овој чин е дел од традиционалното чествување на делото на солунските браќа, кои, со својата мисија, го поставија темелот на словенската писменост и на христијанството на овие простори.

Извор: https://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/moleben-rim-2026/