На 7 август, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во манастирот „Св. Архангели Михаил и Гавриил“ покрај скопското село Кучевиште отслужи Заупокоена Литургија за блаженоупокоената монахиња Марија, игуменија на овој историски манастир.
По Литургијата Архиепископот Стефан заедно со Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј и со свештенослужители од Скопската епархија отслужи и Погребна служба – Опело, на кое произнесе вдахновено надгробно слово.
Игуменија Марија беше монахиња со најдолг монашки стаж, од речиси 60 години, во поновата историја на нашата Света Црква. Таа е замонашена од првиот Поглавар на возобновената Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот Доситеј, и сиот свој ангелоподобен монашки живот го помина во возљубениот ѝ манастир посветен на светите Архангели Михаил и Гаврил.
Многуброен верен народ и бројни монаси, монахињи и свештеници дојдоа да земат учество во богослужбите и да се простат со мајка Марија.
Вечнаја памјат!








