Архиепископот Стефан во канонска посета на Американско-канадската епархија

На 14.11.2024 година, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, пристигна во канонска посета на Американско-канадската епархија, придружуван од презвитер Даниел Јовановски и протоѓакон Александар Димитријов. Посетата, којашто Архиепископот ја извршува по покана на надлежниот Архијереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Американско-канадски г. Методиј, се остварува по повод одбележувањето на 50-годишниот јубилеј од Осветувањето на првиот храм на црковната општина „Свети Кирил и Методиј“, во Њу Џерси, САД.

Имено, првобитниот храм на оваа црковна општина е осветен од блаженоупокоениот Митрополит Кирил, во 1974 година и се наоѓал во градот Пасаик, Њу Џерси. Сегашниот велелепен храм, пак, се наоѓа во градот Сидер Гроув, Њу Џерси, и е осветен во 2004 година, од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан. 

Храмот е еден од најголемите и најубавите македонски Божји домови во САД, а од 2021 година, негов парох е протојереј Гоце Постоловски, намесник на Источноамериканското намесништво на Американско-канадската  епархија.