По покана на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Американско-канадски г. Методиј, во попладневните часови на 21 август 2025 година, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан пристигна во Колумбос, Охајо, САД. Посетата, на којашто Архиепископот е придружуван од презвитерот Даниел Јовановски и протоѓаконот Александар Димитријов се остварува по повод чествувањата на 60 годишнините од осветувањето на храмовите на две од нашите најстари општини во дијаспората и тоа: „Успение на Пресвета Богородица“ во Колумбос, Охајо, САД и „Св. Климент Охридски“ во Торонто, Онтарио, Канада.
Утредента по пристигнувањето Архиепископот ја посети црковната општина „Успение на Пресвета Богородица“ во Колумбос, каде што беше радосно пречекан од парохискиот свештеник презвитерот Радован Цековски и претседателот на црковната општина г. Душан Ристовски, како и од бројни членови на црковната управа.
Првата седмица од својата посета на Северноамериканскиот Континент, Архиепископот ќе ја помине како гостин на оваа црковна општина, каде што в сабота ќе присуствува на свечената прослава по повод годишнината, a во недела на 24 август 2025 година, ќе чиноначалствува со Светата Литургија. Потоа Архиепископот ќе отпатува во Њу Џерси, САД, каде што ќе присуствува на свеченостите при одржувањето на 51-от Епархиски црковно-народен собор на Американско-канадската епархија, чијшто домаќин годинава е црковната општина „Свети Кирил и Методиј“ во Сидер Гроув. Потем, пак, во главниот американски град, Вашингтон, на 2 септември 2025 година, ќе има литургиско сослужување со Поглаварот на Православната Црква во Америка, Митрополитот г.г. Тихон, чијшто Синод неодамна ја призна автокефалноста на нашата Света Македонска Православна Црква.
По планираниот двонеделен престој во САД, Архиепископот и неговите придружници ќе заминат за Канада, за чествувањата по повод јубилејот на црковната општина „Свети Климент“ во Торонто, Онтарио.
Предвидено е освен споменатите црковни општини, Архиепископот да направи канонски посети и на останатите наши храмови во Охајо, Њу Џерси и Онтарио.
