Во четврток, на 4 септември 2025 година, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Митрополит Скопски г.г. Стефан го посети седиштето на Канадската епархија на Српската Православна Црква, манастирот „Преображение Господово“, во Милтон. Покрај Архиепископот Стефан, делегацијата на Македонската Православна Црква ја сочинуваа протојереј Даниел Јовановски и протоѓакон Александар Димитриов.
Со молитвено учество на сите свештеници од Источно-канадското намесништво и сите канадски свештеници од Американско-канадската митрополија на Македонската Православна Црква, како и протојереј Јован Марјанац, секретар на Епархискиот управен одбор, и ѓакон Петар Марјановиќ, секретар на Епархиската канцеларија на Српската Православна Црква, отслужија доксологија во чест на Неговото Блаженство. Потоа домаќинот, Неговото Високопреосвештенство Архиепископот на Торонто и Митрополит Канадски г.г. д-р Митрофан од Српската Православна Црква го поздрави гостинoт со избрани зборови. Владиката Митрофан ја нагласи историската улога на манастирската обител во Милтон како бастион на Православието во Канада, не само за српската заедница туку и за сите православни народи.
Благословувајќи ги сите присутни, Архиепископот Стефан се повика на блиските односи на двете сестрински цркви, нагласувајќи дека меѓу Србите се чувствува како меѓу свои, известува интернет страницата на Канадската епархија на Српската Црква. По богослужбата беше приредена трпеза на љубовта во чест на гостите, за време на која беа врачени молитвени подароци за спомен на овој историски настан.
Молитвено учество во посетата зедоа и протојереј Иван Радовиќ, клирик на Будимљанско-никшиќката епархија, новопоставениот Генерален конзул на Република Србија во Торонто г. Дејан Ераковиќ, сите членови на Епархискиот совет на Канадската епархија, добротворите на Црквата во Канада г. Жељко Чолаковиќ и г. Жељко Прица, потпретседателот на младинскиот одбор на Канадската епархија г. Рајко Ѓурѓевиќ, пратеник во федералниот парламент на Канада г. Ненад Куруц, претседателите на повеќе црковно-училишни општини и национални организации во Онтарио и други видни гости.















Фотографии: Марија Вечански (Goldenlux Photography)
Извор: https://istocnik.ca/poglavar-mpc-u-poseti-manastiru-preobrazenja-gospodnjeg-u-kanadi
