Во 23 недела по Педесетница, на 16 ноември 2025 година, кога се празнува споменот на обновувањето на храмот на светиот великомаченик Георгиј во Лида Палестинска, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Брегалнички г. Иларион отслужи света архиерејска Литургија во храмот „Св. Вмч. Георгиј“ во Кочани.
Пред почетокот на Литургијата, митрополитот Иларион изврши освет на новиот фрескоживопис во олтарот и припратата на храмот „Св. Вмч. Георгиј“ и на иконите добиени на подарок од Рилскиот манастир на Бугарската Православна Црква, а насликани од јеромонахот Павел.
На крајот од Божествената Литургија, митрополитот Иларион одржа пригодна беседа и во таа прилика му подари граден крст на архијерејскиот намесник на Кочанското намесништво, протојереј-ставрофор Станчо Ристов од Кочани, по повод 40 години свештеничка служба, и му посака многу здравје, долг живот и уште многу години ревносно да му служи на Бога. Митрополитот му додели и благодарница на јеромонахот Павел од Рилскиот манастир за насликаните и подарени икони за храмот „Св. Вмч. Георгиј“ и за верниот народ во градот Кочани.




























