Архијерејска Литургија и свештеничко ракополагање во с. Добрушево, Битолско

На 23 август 2026 година, во Дванаесеттата недела по Педесетница, кога светата Православна Црква го празнува споменот на светиот маченик и архиѓакон Лаврентиј, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи света Божествена Литургија во храмот „Вознесение Христово“ во село Добрушево, Битолско.

На Божествената Литургија Митрополитот Пеатар го ракоположи ѓаконот Димитар Поп Атанасов во свештенички чин. По призивот на Светиот Дух и полагањето на архиерејските раце, новоракоположениот свештеник ја прими благодатта на свештенството, за да Му служи на Бога и на Неговата Света Црква и да се грижи за духовното спасение на доверениот верен народ.

На светата Божествена Литургија, Митрополитот Петар благоволи и чедото Божјо Јоцо Здравевски да го ракопроизведе во чин чтец.

„Свештеничкиот чин е возвишено служење и голема одговорност, повик на жртва, љубов и непрестајно сведочење на Христовото Евангелие. Свештеникот е повикан со својот живот и својата служба да биде пример за верните, принесувајќи молитви за народот Божји и водејќи го кон спасението преку Светите Тајни и словото Божјо“ – се вели во известувањето од Преспанско-пелагониската епархија.

На крајот од светата Божествена Литургија, верниот народ пристапи кон светата Чаша и се причести со светите Христови Тајни, со благодарност кон Бога за благодатта и духовната радост на овој свечен ден.

Извор: http://www.pppe.mk/2026/dvanaesetta-nedela-po-pedesetnitsa-sveta-arhierejska-liturgija-i-sveshtenichko-rakopolagane-vo-hramot-voznesenie-hristovo-vo-selo-dobrushevo/