Неговото Високопреосвештенство, г. Георгиј, архиепископ Михалово-кошички од Православната Црква на Чешките земји и Словачка, на покана на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, ја посети парохијата во Неиве, во областа Пиемонт, северозападна Италија, која го славеше својот патрон – споменот на светиот Архангел Михаил, кој исто така е и заштитник на целиот град.
Во Пиемонт, еден од најпознатите вински региони во Италија, живеат голем број доселеници од Македонија, кои веќе речиси 30 години работат претежно во винарството. Настојател на локалната црковна општина е протојереј Михајло Матевски, кој заедно со Митрополит Пимен ја посетија Михалово-кошичка епархија во август оваа година.
Со благослов на Митрополитот Пимен, Архиепископот Георгиј началствуваше на Божествената Литургија на самиот ден на празникот, служејќи на македонски и италијански јазик, а беседата ја одржа на српски и италијански.
Заедно со двајцата архијереи сослужуваа настојателот на парохијата, протојереј Михајло, игуменот Амвросиј, настојател на Руската православна парохија во Торино, и протојереј Климент Мисањ, настојател на македонската православна парохија во Пјаченца. Пееше хорот од локалните верници под раководство на презвитера Јулијана Матевска.
По светата Литургија, на која присуствуваа и претставници на локалната самоуправа и претставници на Римокатоличката црква, владиката Георгиј даде интервју за македонските медиуми.














