Архијерејска Литургија во Колумбус, Охајо

На 24 август 2025 година, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, отслужи Божествена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Колумбус, Охајо, САД. Литургијата, на која молитвено присуствуваше надлежниот Архијереј на Американско-канадската епархија, Митрополитот г. Методиј, беше отслужена по повод прославата на 60-годишнината од Осветувањето на првиот храм на оваа парохија, којашто е една од нашите најстари црковни заедници на Северноамериканскиот Континент и во дијаспората, воопшто.

По Божествената Литургија, Архиепископот му подари на Митрополитот архијерејски инсигнии – крст и панагија, по повод 20 годишниот јубилеј од неговата епископска служба.

Потоа беше отслужен Помен за упокоените поранешни свештенослужители на оваа црковна општина, како и за нејзините основачи, претседатели на црковните управи, секции и заслужни дејатели и помагатели. Потем, пак, Архиепископот изврши Водосвет и го прекрши славскиот колач.

Чествувањата по повод големата годишнина на оваа црковна општина ќе завршат в четврток, на храмовиот празник, со Божествена Литургија со која повторно ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.