Архимандрит Петар Драгојловиќ од Српската православна Црква служеше литургија во Манастирот Слепче: „Најважно за нас православните народи на Балканот е да се собираме кога сакаат да нѐ растурат!“

Архимандрит Петар, игумен на Манастирот Пиносава и настојател на Манастирот „Благовештение“ – Рудничко, на 2 јули годинава, кога се празнува споменот на свети Јован Шангајски и Битолски служеше света Литургија во манастирот „Св. Јован Претеча“ – Слепче, Демирхисарско. По Литургијата, тој и многубројно монаштво од Србија и од Македонија беа свечено угостени од страна на домаќинот, игуменот Серафим и сестрите на манастирот „Слепче“, предводени од настојателката на тој манастир, монахиња Марина.

Отец Петар, изговарајќи поздравно слово, му подари на игуменот Серафим голем крст за светата Трпеза, како дар на христијанската љубов и во знак на благодарност за поканата да учествува во канонизацијата и прославата на преподобната маченичка Стефанида Скадарска и Битолска, чии свети мошти се чуваат во овој древен манастир со корени од 5 век.

По повод прославата на преподобната маченичка  Стефанида Скадарска и Битолска, игуменот на манастирот „Пиносава“, архимандрит Петар, во својата беседа во манастирот „Слепче“ кај Демир Хисар, рече:

„Драг домаќине, оче и игумене, брате и пријателе Серафиме, драга мати Марина, драги сестри слепчански и сеправославни, чесни оци, драги браќа и сестри монаси и монахињи од Македонија, Србија, Црна Гора и Франција, драги дечиња, драг собран народе: Православната Црква, како што веќе векови исповедаме во Символот на Верата, е Една, Света, Соборна и Апостолска.

И ова наше братско и сестринско, тридневно, благодатно и христијанско собирање и соборствување, овде во благословената земја Македонија, а особено во овој древен манастир „Свети Јован Крстител“ – Слепче, како и пред два дена во Битола, е уште една потврда дека сме навистина едно во Христа Бога, и дека радоста на воспоставеното целосно единство меѓу нашите две автокефални Цркви, Македонската и Српската, е повторно и на најубав можен начин запечатена на дело.

Пак и пак, повторно и повторно, потврдено е со живиот живот на Црквата, дека сите ние, православните христијани во целиот свет, сме еден нов народ и ново создание, нов Израил; дека и двата братски православни народи, македонскиот и српскиот, како и сите православни народи, сега се уште поцврсто обединети и соединети во молитвите и во благодатната помош на една нова и прекрасна Христова светителка – преподобната маченичка Стефанида Битолска и Скадарска.

Овие денови, драги браќа и сестри, повторно се покажува на дело дека Христовата Црква е непобедлива, дека сите сме духовно прегрнати во Возљубениот Христос Господ, и дека се почитуваме едни со други и се сакаме едни со други со вистинска Христова евангелска љубов.

Топлината на христијанското добродојде од страна на отец Серафим, игумен на манастирот „Слепче“, и од страна на нашите прекрасни сестри од овој свет манастир од 5 век, на нашите прекрасни македонски домаќини, ја зголеми и ја удвои радоста на средбата на нашите два братски народа, српскиот и македонскиот, но и на многу други народи собрани во овие благословени денови преку Светиот Дух, во намачената земја Македонија. И Македонците и Србите и Бугарите и Чесите и Полјаците и Французите, сите овие денови бевме пред сè народ Христов, нов Израил, царско свештенство, народ избран.

Радоста што толку силно сјаеше во нашите очи, но и благодатната озареност на нашите лица, како и заедничкото богослужение на три јазици – македонски, српски и црковнословенски, со причестување од една Чаша Господова, повторно покажаа дека љубовта Христова е сеопфатна, собирачка и обединителна, и дека таа со својата Божја сила ги зближува и ги преобразува луѓето и народите во еден единствен и вечен народ – народ Божји.

Се разбира, христијанската љубов е секогаш ненаметлива, секогаш е на гулабови нозе на смиреност и кроткост, секогаш е полна со подготвеност за братско прегрнување. Таа е постојано свртена кон Небесното Царство и има вечна, спасоносна, божествена и богочовечка смисла.. Во исто време, таа христијанска љубов не ги укинува нашите земни специфичности и секогаш подразбира почитување на културните и националните различности и особености на нашите народи во ова минливо земно патување. Таа секогаш ја почитува слободата на избор на секој поединец и на секој народ да се изрази онака како што самиот  чувствува.Тоа не само што не ги нарушува нашето духовно единство и прегратката на вистинските браќа и сестри во Христос, туку им дава нов квалитет и оригиналност.

Ви благодариме, наш прекрасен брате, оче и пријателе, игумене Серафиме, ви благодариме наша мати Марина, ви благодариме наши прекрасни и радосни сестри на манастирот „Слепче“, што повторно ни го дадовте вашето срце. Според оние древни светоотечки зборови – го видов лицето на мојот брат и на мојата сестра – го видов лицето на мојот Бог.

За многу и благословени години! И ако Бог даде, до некоја нова и брза благодатна средба и собир, но овој пат кај нас во Србија и во Црна Гора.“

Извор: https://www.cudo.rs/видеоархимандрит-петар-драгојловић/