Благодарница за професорот Владимир Вукашиновиќ

На 8 септември 2025 година викарниот Епископ Стобиски г. Јаков и проф. д-р Владимир Вукашиновиќ од Православниот богословски факултет во Белград беа во посета на градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов. Посетата се остварува по успешното завршување на Првата меѓународна научна конференција „Балкански монашки светови“ што од 5 до 7 септември се случи во Струмица.

Отец Владимир заедно со Епископот Стобиски се иницијатори на создавањето на меѓународниот Институт за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследство на пустината“ којшто е еден од организаторите на овој значаен настан за теолошката мисла и богословие, а со тоа и за промоција на Струмица.

Градоначалникот Костадинов му врачи благодарница за целокупни заслуги на проф. д-р Вукашиновиќ.

– Струмица секогаш е отворена за пријателите со добра мисла за нејзината благосостојба и просперитет. На Проф. д-р Владимир Вукашиновиќ му беше врачена Благодарница за особен придонес во афирмацијата и промоцијата на Струмица на меѓународно ниво, со признание за неговата посветеност и поддршка на развојот на науката, културата и духовноста – напиша Костадинов на својот фејсбук профил.

Проф. д-р Вукашиновиќ е Протопрезвитер-ставрофор на Српската Православна Црква и старешина во еден од најзначајните храмови во Белград, во капелата на Света Петка и Црква Ружица на Калемегдан. Тој е редовен професор на Православниот богословски факултет при Универзитетот во Белград на Катедрата за литургика. Автор е на повеќе научни трудови, уредник е на едно од најреномираните богословски научни списанија во светот „Богословље“ и автор е на повеќе книги.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1JiKnKwcWg/