Известува: о. Горан Трпчевски
На 17 и 18 мај 2025 лето Господово, со благослов од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Американско-канадски г. Методиј, во катедралниот храм на Американско-канадската Македонската православна епархија „Раѓање на Пресвета Богородица“, од Стерлинг Хајтц (Детроит Метро), Мичиген, САД, торжествено беше пречекана мироточивата и чудотворна „Хавајско-Иверска“ икона на Мајката Божја.
Во саботата на 17 мај, се пречека Чудотворната мироточива „Хавајска“ Икона на Пресвета Богородица, чија копија се наоѓа токму во овој храм, а беше донесена од иконофорот, хранителот (чуварот) на Иконата, протојереј-ставрофор Нектариј Јангсон, во придружба на ѓаконот Серафим Стојанче Андов, по што беше отслужена Вечерна служба и Молебен, во сослужение на свештениците од сестринските македонски цркви како и свештеници од помесните Православни Цркви во Детроит.
Следниот ден во неделата 18 мај 2025, во петтата недела по Пасха, кога Црквата го прославува споменот на Самарјанката, се одржа света Литургија, на која молитвено присуствуваше Митрополитот Методиј, во сослужение на протојереј-ставрофор Нектариj Јангсон, од Руската задгранична Православна Црква, свештениците од Црквата-домаќин „Раѓање на Пресвета Богородица“, од Стерлинг Хајтц, архијерејскиот заменик и намесник протојереј-ставрофор Синиша Ристовски и архијерејскиот намесник протојереј Драган Јорданов и свештениците од сестринските цркви на МПЦ, од МПЦ „Св. Ѓорѓи Кратовски“ од Фармингтон Хилс, Мичиген, јереј Горан Трпчевски, од МПЦ „Св. Никола“ од Виндзор, Онтарио, јереј Емил Атанасов, пензионираниот протојереј Митко Попоски и ѓаконот Серафим Стојанче Андов од Хаваи. Литургијата со своето пеење ја збогати и хорот на Руската Задгранична Црква од Чикаго, под водство на Славица Лазаревска.
По светата Литургија од страна на Митрополитот Методиј се изврши и благословување на новиот параклис, во дворот на црквата, посветен на светиот Николај Мирликиски Чудотворец, чии мошти се чуваат во овој храм.
За време на двата дена, верниот народ како река се слеваше во храмот, од сите цркви и националности во Детроит. Многубројниот верен народ се помоли, поклони и ја целива икона на Мајката Божја, каде беа помазувани од свештениците. Мајката Божја низ сведоштво со миротечението од иконата ја излеа благодатта врз свештениците и верниот народ.
По овие празнувања, во дворот на Црквата се одржа и свечен ручек, со богата програма, по што се продолжи со општо народна веселба и пикник до доцните часови.

















