Божикна порака од Митрополитот Јован

Ј О В А Н

по милоста Божја, Митрополит крушевски и демирхисарски, до целата
полнота на нашата најсвета Митрополија крушевска и демирхисарска,
благодат, милост и мир, од Христа Спасителот наш Кој се роди во тело

Рождеството Христово, чесни отци, браќа и сестри има вселенско значење. Бог Кому не ни е позната Неговата суштина, не ни е познато како постои, ниту на кој начин го створил овој свет, а во тој свет нѐ создал и нас луѓето, ете Тој Бог, денес се раѓа како смирен човек, носејќи сѐ човечко на себе, освен гревот, кој пак е квасец за смртта и распаѓањето.

Ќе рече некој, а зошто Бог имаше потреба да се роди како човек? Заради мене и заради тебе. Ние не го знаевме патот како се стигнува до лична бесмртност, иако сите честички од кои сме ние составени на некој начин се бесмртни.

Но, бидејќи човекот е личност, потребува личносна бесмртност, не само бесмртност на компонентите од кои е составен. Е затоа Христос дојде меѓу луѓето, да ни покаже по кој пат се стигнува до вечна личност и вечно постоење како личност.

Се роди како човек, но не дури и во некое осредно место, туку на многу понизно место, во штала за добиток. Со тоа, од првиот ден на неговото постоење како човек, а тоа го посведочи и во целиот негов живот како богочовек, дека смирението ќе му биде начин на постоење кој ќе им го предаде на оние кои ќе поверуваат во тој човек дека е Бог, а како Бог, пак е Спасител.

Се раѓа Господ, чесни отци, браќа и сестри, како човек, за да ни покаже колку му сме мили ние луѓето и колку не сака да пропадне ниту еден од нас. Зашто сѐ што постои, сѐ што може да се замисли, сѐ е во Бога. Во ова дете кое предпостоело пред да се роди, во ова дете кое е постаро од денот.

А Богородица бива поширока од небесата. Таа, пак го роди Оној кој ги створи небесата. Затоа нејзиното име е испреплетено со името на богочовекот. Го роди Бога и бидна „почесна од херувимите”, зашто таа во својата мала утроба го носеше Оној Кој носи сѐ. Преголема е тоа чест за неа, но истовремено тоа е преголема чест за нас луѓето. Бог се роди како човек, а таа која го роди е како еден од нас луѓето.

На прагот пред Новата 2026 година да го оставиме она што нѐ влечи кон стариот непокајан човек. Возвишени мотиви нѐ повикуваат на тоа., а тоа се големите празници на Рождеството Христово, Новата Година, Богојавлението.

Ви ги честитаме секого од нив поединечно и сите нив заедно, како на Црква која за сѐ се моли во заедница, а плодовите од молитвата ги прима и поединечно.

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Ваш молитвеник во Богомладенецот
Митрополит крушевски и демирхисарски Јован

Издадено на Рождество Христово 2025 г. во Крушево