Честитка од Архиепископот Стефан до новоизбраниот Бугарски Патријарх Даниил

До Неговата Светост 
Митрополитот Софиски и
Патријарх Бугарски г. г. Даниил

Ваша Светост, 

Дозволете Ни од Свое и од името на архијереите, чесното свештенство, преподобното монаштво и верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, да ја изразиме радоста и срдечно да Ви го честитаме изборот за Претстојател на Бугарската Православна Црква. Вашата богољубива и стамена личност беше препознаена од Светиот Дух, како и од членовите на Патријаршискиот изборен црковен Собор, кои во Вас видоа достоен наследник на Вашите претходници на светоимената Софиска катедра. 

Бугарската Црква и бугарскиот народ со Вашиот избор добија богољубив, правдољубив и ревносен Архипастир исполнет со ревност кон Божјото слово, грижлив Патријарх кој внимава на чистотата на православната вера, но и смирен молитвеник за богомдоверената му паства, вдахновуван од евангелските зборови: Јас сум добриот Пастир. Добриот Пастир си ја полага душата своја за овците.

Семилостивиот Бог нека Ви дарува мирно и плодородно првојерархиско служење и нека го умножи и преумножи Вашето духовно стадо.

Ваш собрат и сослужител пред престолот Божји,

Архиепископ
Охридски и Македонски
+Стефан