Чествување на свети Климент и признание за животно дело во Торонто

Пишува: Протојереј Александар Тодоровски

Македонска православна катедрала „Св. Климент Охридски“ – Торонто, го одбележа својот патронен празник во чест на свети Климент Охридски, духовниот татко и заштитник на македонскиот народ. Прославата започна на 6 декември со Вечерна богослужба во храмот, а продолжи со свечена трпеза во салата на катедралата.

На свечениот гала-банкет присуствуваа парохиските свештеници од останатите македонски православни цркви во Онтарио, пензионираните свештеници, кумот на годинешниот празник г. д-р Енди Пенувчев, епархискиот делегат г. Митко Роштанковски, заменик градоначалникот на Торонто г. Мајкл Кол, македонскиот генералeн конзул г. Сеад Садикоски и конзул г-ѓица Сара Трајковска, претседателката на женската секција г-ѓа Вера Стевановска со членовите, како и поранешни претседатели и заслужни добротвори на катедралата. Присутни беа и членови од младинската организација MYNET, црковниот хор, неделното училиште, литературното друштво „Браќа Миладиновци“, фолклорниот ансамбл „Македонка“, пензионерскиот клуб „Гоце Делчев“,  Martial Art St. Clement of Ohrid, Bible Studies групите, Обединети Македонци, Macedonian Children’s Relief Fund, како и претставници на медиумите.

Свое обраќање имаше Претседателот на црковната општина г. Борис Стоикос, а парохискиот свештеник протоереј Александар Тодоровски ја честита празничната вечер, нагласувајќи дека оваа катедрала 60 години е огниште на верата и единството, дом на молитва и радост, дом на секој што ја сака Македонија и го љуби Христос. Тој потсети дека ако сакаме да бидеме вистински Светиклиментови, треба да продолжиме да градиме во вера, љубов и милосрдие, да ја чуваме духовната градба на нашиот народ и да бидеме живи органи на Телото Христово.

Посебен момент на вечерта беше доделувањето на првата награда за животно дело која му беше врачена на г. Никола Стојановски кој бил учител во неделното училиште „Свети Климент“, долгогодишен член на одборот, трикратен претседател на црквата, поранешен потпретседател на Американско-канадската епархија и водач на организацијата „Обединети Македонци“ од Канада. Неговата работа ја модернизираше црковната структура и е заслужен за почетокот на фрескоживописувањето на храмот. Тој продолжува да биде ментор на генерации парохијани и водачи по него.

Прославата на патрониот празник заврши со торжествена Литургија на самиот ден на празникот, на која што покрај парохиските и пензионираните свештеници од Онтарио, сослужуваа и свештеници од Српската и Романската Православна Црква во духот на братската љубов и заедничкото сведоштво за Христос.