Пишува: Протојереј Александар Тодоровски
Со благослов на Високопреосвештениот Митрополит на Американско-канадска Македонска Православна Епархија – г. Методиј, на 28 октомври 2024 година, Чудотворната мироточива „Хавајска“ Иверска икона на Пресвета Богородица по втор пат оваа година беше торжествено пречекана во Епархискиот соборен храм „Св. Климент Охридски“ во Торонто.
Исполнети со голема духовна радост и свештен трепет, верниците на Македонската православна црква во Торонто повторно имаа можноста да се поклонат пред оваа голема светиња, откако тоа за првпат во овој храм се случи на 28 февруари 2024 година.
Во присуство на голем број верници пред иконата беше отслужен „Акатист на Чудотворната мироточива икона на Пресвета Богородица“, на кој чиноначалствуваше протоереј-ставрофор Нектариј во сослужение со парохиските свештеници, свештениците од другите македонски православни цркви во Торонто и пензионираните свештеници.
Поклонувајќи се пред Иконата, верниците се исполнија со чудесниот и неискажливиот сладок мирис кој се излева од Иконата, а после отслужениот Акатист беа помазани со чудотворното миро кое се излеваше од Иконата на очиглед на сите.
Иконата беше донесена од иконофорот, хранителот (чуварот) на иконата, протоереј-ставрофор Нектариј Јангсон којшто, откако го најави своето доаѓање во Торонто, самиот изрази желба повторно да го посети Свети Климентовиот храм, поради големиот интерес и желба на верниците повторно да се поклонат и да ја целиваат Чудотворната икона.
Иконофорот протоереј-ставрофор Нектариј Јангсон, на 50 годишната прослава од основањето на Катедралниот храм „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Деторит, САД, беше одликуван со Орден Св. Климент Охридски – III ред, согласно Одлуката на Светиот Архиерејски Синот на МПЦ-ОА, од 12 септември 2024, за покажаната љубов кон верниците на АКМПЕ, со носење на иконата на поклонение во храмовите на епархијата.
Тропар на Чудотворната мироточива „Хавајска“ Икона на Пресвета Богородица
Од Твојата света икона, о Владичице Богородице, изобилно си источила благодатно миро, верните Твои кои се во прогонство си ги утешила и неверните си ги просветила со светлината на Твојот Син. Затоа и се приклонуваме кон Тебе со солзи, Господарке, Милостива биди кон нас во судниот час, па откако ќе примиме од Твојата милост, да не бидеме казнети како презрени, но со Твоите молитви дај нѝ да принесеме плод духовен и спаси ги нашите души.












