Оваа година, Германската епархија на Руската Православна Задгранична Црква одбележува 100 години од своето основање. По тој повод, од 6 до 8 мај, во Минхен ќе се одржи меѓународна научна конференција, посветена на овој јубилеј. Во рамките на одбележувањето, од 29 април до 6 мај 2026, во манастирот „Св. преподобна маченичка кнегиња Елисавета“, во Бухендорф се одржува заседание на Архијерејскиот собор на Руската Задгранична Црква.
На покана на Митрополитот Берлински и Германски Марко, од името на Архиепископот Охридски и Македонски Стефан и на Македонската Православна Црква, на дел од јубилејното чествување присуствува Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, во придружба на јеромонах Атанасиј Арсоски.
На 1 мај, во катедралниот храм во Минхен, беше отслужена заедничка Литургија, на која началствуваше Првојерархот на Руската Задгранична Црква, Митрополитот Њујоршки Николај, во сослужение на останатите архијереи на Руската Задгранична Црква, Архиепископот Рузски Тихон од Берлинско-германската епархија на Московската Патријаршија, многубројни свештеници и православни верници. Со нив сослужуваа и претставниците на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.










