Ден на духовна благодат: стотици верници се поклонија пред моштите на св. Нектариј Егински во Прилеп

На 22 ноември 2024 година, храмот „Св. Петка“ во Прилеп пречека голем број верници кои дојдоа да го чествуваат споменот на Св. Нектариј Егински, еден од највозљубените светители на православието. 

На Божествената литургија присуствуваа стотици верници, а иконата на св. Нектариј со неговите мошти вградени во неа беа изложени за поклонение. Овој исклучителен настан привлече не само жители на Прилеп, туку и голем број верници од Скопје, Битола и околните места, кои пристигнаа со надеж и вера во молитвеното застапништво на овој светител, познат по своите исцелителни чуда. 

Преку целиот ден, храмот беше преполн со верници кои со длабока побожност се поклонуваа пред моштите, упатувајќи свои молитви за здравје, душевен мир и Божја милост. Св. Нектариј, кој е познат како голем исцелител, особено за оние што страдаат од сериозни болести, беше повикуван во молитвите на многумина кои го бараа неговото застапништво пред Божјиот престол. 

Овој благословен настан е уште еден доказ за важноста на духовниот живот во нашите заедници и за улогата на храмот „Св. Петка“ како духовно и верско средиште кое ги обединува верниците од Прилеп и пошироко. Благодариме на сите кои присуствуваа и заеднички го воздигнаа духот на заедништвото и молитвата – известуваат од храмот „Св. Петка“ во Прилеп.

Нека молитвите на sв. Нектариј Егински донесат утеха, здравје и благослов во животите на сите што со вера го повикаа неговото име. 

Иконата со моштите на св. Нектариј ќе биде изложена во храмот „Св. Петка“ заклучно до недела до 17:00 часот, а таа постојано се чува во манастирот „Успение Богородично“ во с. Старо Лагово кај Прилеп.

Извор: https://www.facebook.com/profile.php?id=61559876354058