Во духот на христијанската љубов, единство и взаемно почитување, на 10 април 2026 година во Пјаченца, Италија, свечено беше официјализиран договорот со кој Македонската православна црква – Охридска архиепископија се стекнува со целокупниот простор околу храмот, кој во иднина ќе претставува значаен духовен, културен и општествен центар за македонската заедница.
Договорот беше свечено потпишан од страна на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Европски г. Пимен, и Неговото Преосвештенство, бискупот Адриано Чеволото, претставник на Епархијата на Пјаченца и Бобио.
Со овој договор, кој опфаќа имот во вредност од 800.000 евра, предвидено е негово отплаќање во период од 20 години, при што истиот преминува во трајно владение на Црквата.
Новиот црковен комплекс на црковната општина „Св. Прохор Пчински и Св. Ап. Вартоломеј“ во Пјаченца ќе претставува вистински стожер на македонскиот духовен, културен и национален идентитет во Италија. Овој простор ќе им овозможи на верниците да ги извршуваат светите тајни – крштевки, венчавки, празнични богослужби – како и да организираат културни и општествени настани, со што ќе се зајакне заедништвото и ќе се негува македонската традиција меѓу иселениците – известува Европската епархија
Овој значаен настан претставува уште еден чекор напред во зацврстувањето на присуството и мисијата на Македонската православна црква во Европа, како и потврда дека македонскиот јазик, вера и традиција ќе продолжат да живеат и да се пренесуваат на идните поколенија.




