Духовни вечери во „Илинден Рокдејл“, Сиднеј, Австралија

За македонските верници во Сиднеј, Австралија, за време на престојот на архимандритот Серафим и дел од сестринството на Слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“, и оваа седмица се одржаа духовни вечери.

На 19 ноември среда, во салата „Илинден Рокдејл“, се одржа духовно предавање со македонските верници од Сиднеј на тема: „Душата после смртта и како да се молиме за починатите“.

Особено се отвори дискусија на прашањата: За спомнувањето на починатите на проскомидија, за самоубиството, за приносот за душа на починатите,  за себепринесувањето во духовниот живот кога сакаме да се молиме за други, за кремирањето на телата на починатите, зошто и колку е важно да се чита канонот за исход на душата, за суеверието во врска со починатите христијани и др.

Следната вечер, на 20 ноември, четврток,  со почеток во 18:30 часот, во салата „Илинден Рокдејл“, се одржа предавањето на тема: „Молитвата – нејзиното значење и практикување во животот на православниот христијанин“.

По предавањето беа поставувани прашања од страна на македонските верници и се разви широка дискусија. Ќе издвоиме некои од прашањата на верниците: како да се молиме за сопругот и за децата, кога и како да ја практикуваме Исусовата молитва, за молитвеното правило, за соништата кои нѐ вознемируваат, колку често може да се чита акатист, како и други прашања од секојдневниот живот на христијанинот: за честото причестување, што значи да стекнуваме пријатели со нераспадливо богатство, дали децата болни од аутизам се казна за гревовите на родителите, дали Црквата знае што се случува со децата со посебни потреби, за одговорноста на воспитувањето на децата и многу други.

На 24 ноември, понеделник, архимандритот Серафим и дел од сестринството на Слепченскиот манастир го посетија македонското етничко училиштето во НЈВ Филип II каде што беа топло и срдечно пречекани од македонските дечиња.

При посетата на часот по веронаука најмладите, дечињата на возраст од забавиште до шесто одделение, со својата невиност, спонтаност и искреност,  на отецот Серафим му поставуваа прашања: зошто луѓето на љубовта Божја возвраќаат со зло, за доаѓањето  на Господ Исус Христос на земјата, за безграничната љубов, зошто некои луѓе ако знаат дека  Бог е Бог прават лоши работи, што треба да се направи за да се стане свештеник, зошто Господ дојде на земјата, зошто Господ Исус Христос не се роди во палата туку во сиромашна штала, и многу др.