Овој февруари се навршија две години откако почна со работа црковниот информативен портал „Литургија.мк“. Порталот пополни една празнина во информативниот простор кој се однесува на црковните тематики.
Главниот мотив за оформување на „Литургија.мк“ е љубовта кон Црквата. Оттука произлегува и желбата Црквата самата да известува за себе, наместо за неа да известуваат други чинители кои често знаат да бидат неинформирани, недобронамерни или невнимателни и зад чија работа може да има други интереси и мотивации, а не грижата за Црквата. Уредништвото на „Литургија.мк“ е составено од свештенослужители, луѓе кои својот живот го посветиле на Бога и на црковната служба и целта останува: „Литургија.мк“ да биде гласот на Македонската Православна Црква, заради што редакцијата има соработници од сите епархии на нашата помесна Црква.
Освен тоа, во нашата работа сакаме на македонскиот читател да му ја доближиме и црковната реалност од православниот свет, преку пренесување на информации, фотографии и видео материјали од сите помесни Цркви.
Покрај информативниот дел, помеѓу содржините на порталот се наоѓаат и текстови за поука во верата, за запознавање со црковните богослужби, редовни проповеди за неделите и празниците, актуелни богословски теми и прашања од црковната историја и сегашност. Сето тоа треба не само да го информира туку и да го образува читателот.
Како што ниту едно добро дело не може да се направи без искушенија од противникот на доброто, така и работата на „Литургија.мк“ од самиот почеток, освен со извонредна помош и поткрепа, се соочува и со попречувања: од етикетирања, клевети и лажни обвиненија, до сајбер напади, блокади на страницата и „тивки банирања“ на социјалните мрежи. Меѓутоа, сите тие противења може да се сметаат и како доказ дека сме на правиот пат.
Од почетокот на работата на порталот, во февруари 2024 година, до денес на порталот се објавени над 2.800 текстови. Сајтот секојдневно е посетуван од илјадници читатели, а содржината е цитирана од други црковни и нецрковни медиуми во Македонија и во странство, та сметаме дека со сето тоа порталот „Литургија.мк“ успешно се етаблираше во сферата на црковните интернет ресурси.
Ќе се потрудиме, со Божја помош, во иднина уште повеќе да го подобриме нашето работење и да го збогатиме порталот со квалитетни содржини. А на поддржувачите на порталот искрено и од сè срце им благодариме.
