На 9 мај 2026 година, во Македонската православна црковна општина „Свети Апостол Павле“ во Триер, Германија, свечено започна програмата на редовното годишно Епархиско собрание на Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со торжествена архијерејска света Литургија предводена од Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Европски г. Пимен, во сослужение на свештенството од Европската епархија.
На ова молитвено и духовно собрание учествуваа 24 свештеници од 45 црковни општини, кои дејствуваат во 14 европски држави, сведочејќи за живото и активно присуство на Македонската Православна Црква меѓу македонските верници ширум Европа.
Посебно свечен момент на почетокот од Светата Литургија беше одбележувањето на 20-годишнината од архиерејската хиротонија на Митрополитот Европски г. Пимен. Во име на целото свештенство на Европската епархија, отец Душко Пецов му врачи архиерејска митра како знак на љубов, благодарност и почит за неговото долгогодишно архипастирско служење и духовна грижа.
Особена духовна радост донесе и чинот на унапредувања и ракопроизведувања за време на Светата Литургија. Митрополитот Пимен го произведе во чин протојереј отец Орце Пешов, парохиски свештеник при „Св. Кирил и Методиј“ – Трентино. Во чин ипоѓакон беше ракопроизведен Илија Анѓелески од „Св. Наум Охридски“ – Виена, додека во чин чтец беа произведени Миле Мајсторски од „Св. Апостол Тома“ – Луксембург, како и Дејан Мустракински од „Свети Архангел Михаил и сите Свети Ангели“ – Лондон.
Многубројниот верен народ се причести со Светите Христови Тајни, споделувајќи ја духовната радост, љубовта и заедништвото на овој значаен епархиски настан – известува Европската епархија.
Христос Воскресна!



























