Епископ Јаков во посета на струмичкиот затвор

На 9 јануари 2025 година, трет ден од празникот на Христовото Рождество, Неговото Преосвештенство викарниот епископ Стобиски г. Јаков ја посети Казнено-поправната установа  Затвор во Струмица, каде беше пречекан од директорот Зоран Ристов. На вработените и на осудените лица, Владиката им го честиташе празникот на Раѓањето Христово – Божиќ.

„Во Божјите очи никој од нас не е без вина ниту без грев, но Он иако Безгрешен и Совршен, ги зеде на Себе сите наши гревови и слабости. Вистински слободен човек не е оној што е надвор од овие ѕидови, туку оној што се ослободил со Божја помош од гревот и страстите“ – порача Епископот г. Јаков во своето обраќање.

Директорот на затворот, Ристов, за досегашната соработка ѝ додели Благодарница на Струмичката Православна Епархија.

Традиционално и годинава, Струмичката Православна Епархија, организираше божиќен ручек за вработените и за осудените лица.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1BiPnzdhFH/