Епископот Партениј богослужеше на Света Гора

Епископот Антаниски Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, од 7 до 10 август 2026 година престојуваше на поклонение на Света Гора Атонска, каде што за првпат богослужеше како архиереј.

Централниот настан од поклонението се одржа во Кутлумушкиот скит „Свети Пантелејмон“ во Кареја, каде што епископот Партениј претстоеше на целоноќно, дванаесетчасовно празнично бдение, а потоа чиноначалствуваше на Божествената Литургија. Со него сослужуваше епископот Мирински Атинагора, викарен епископ на Мексиканската митрополија при Цариградската патријаршија, заедно со повеќе свештенослужители од Света Гора.

Во рамки на поклонението, епископот Партениј ги посети светогорските манастири: Филотеј, Каракал, Ивирон, Ставроникита, Ватопед, Нов Есфигмен и Ксенофонт, како и повеќе ќелии и скитови. Во Ватопед беше примен од игуменот, архимандрит Ефрем, додека во Ксенофонт му беше приреден свечен пречек од игуменот, архимандрит Алексиј, и братството.

Празничното торжество продолжи и со литургиски спомен на ктиторите и добротворите на Кутлумушкиот скит. Со Божествената Евхаристија чиноначалствуваше епископот Атинагора, додека епископот Партениј молитвено присуствуваше.

Посетата заврши со повеќе средби со светогорските монаси и со благодарствено заедничарење.

Епископот Партениј е веќе трет архијереј на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија кој го посети Атон по воспоставувањето на канонското единство во 2022 година, откако Митрополитот Брегалнички Иларион беше на поклоничко патување во 2024 година (за што известивме) и Митрополитот Струмички Наум ја посети Света Гора и богослужеше во 2025 година (за што известивме).

https://www.youtube.com/live/6gwwB3sFhJk?si=tp8byrEs3FpFIGNV

Извор: https://bigorski.org.mk/vesti/nastani/vo-pregratkata-na-bogorodichnata-gradina-prvoto-poklonenie-na-starecot-na-sveta-gora-kako-episkop/