Со Божествена Литургија во Соборниот храм „Преображение Господово“ во Требиње, Босна и Херцеговина и со отслужен годишен помен за упокојувањето на Епископот Захумско-Херцеговачки и Приморски Атанасиј завршија деновите на сеќавање на Владиката Атанасиј, манифестација која се одвиваше од 6 до 8 март 2026 година.
Со Литургиското собрание началствуваше Високопреосветениот Митрополит Црногорско-Приморски Јоаникиј, а му сослужуваа епископите Делчевско-Каменички Марко и Стобиски Јаков, и архијереите од Српската Православна Црква: Високопреосвештените Митрополити Милешевски Атанасиј и Будимљанско-Никшиќки Методиј, Високопреосвештениот Архиепископ Лосанџелески и Западноамерикански Максим, Преосвештениот Епископ Диоклиски Паисиј, како и домаќинот Високопреосвештениот Митрополит Захумско-Херцеговачки и Стонско-Приморски Димитриј, со бројно свештенство и свештеномонаштво од Црквата домаќин и од другите помесни Цркви.
На Литургијата беседеше Епископот Марко.
На богослужбата беше отслужен и парастос, а Епископот Стобиски Јаков отслужи помен на гробот на блаженоупокоениот Владика Атанасиј, при што говореше за големото значење на овој духовник за Православната Црква.
Тридневната програма „Сеќавање на Владиката Атанасиј 2026“, организирана по повод петгодишнината од неговото упокојување, започна во петокот со отворање на изложбата „Слово љубве – Владикa Атанасиј Јевтиќ“ на јеромонахот Теофил Петровиќ, настојател на Манастирот Дужи.
Потоа се одржа првата работна сесија на тема „Обновата на Тврдош – почеток на обновата на Светосавска Херцеговина“.
Говорниците и гостите ги поздрави д-р Ведрана Авдаловиќ, сведок на археолошките истражувања и учесник во обновата на Тврдош. Беше прочитано обраќањето на м-р Ивана Грујиќ, по што беше прикажано и обраќањето на проф. д-р Љубиша Фолиќ. Со публиката свои сеќавања споделија и некогашните студенти на стручна пракса во Требиње, а денес угледни научници – доц. д-р Дејан Радичевиќ и д-р Дејан Булиќ.
Втората работна сесија се одржа во саботата, на тема „Лице и збор – Владиката Атанасиј во сеќавањето и богословието“. На оваа завршна вечер свои спомени за Владиката Атанасиј споделија емеритус професорот по хирургија д-р Георгиос Папагеоргиу и д-р Ставрос Јагазоглу од Богословскиот факултет при Универзитетот во Атина. Разговорот го водеше Архиепископот Лосанџелески и Западноамерикански Максим.
Гостите се присетија на нивната прва средба со Владиката Атанасиј во Грција и говореа за неговата личност, богословско искуство и духовно влијание, споделувајќи со публиката спомени за јеромонахот и Епископот кој оставил силен белег во нивниот живот и во богословската мисла.
На 4 март 2021 година во Господа се упокои умировениот Епископ Захумско-Херцеговачки и Приморски Атанасиј Јевтиќ. Роден е на 8 јануари 1938 година во селото Брдарци кај Ваљево. Се упокои во болница во Требиње, во епархијата на која со децении духовно ѝ служеше и која значително ја обнови со својот архипастирски труд.
Владиката Атанасиј беше еден од најзначајните српски теолози на 20 и 21 век и долгогодишен професор на Православниот богословски факултет при Универзитетот во Белград. Таму воспитa бројни генерации студенти и богослови. Тој беше ученик и близок соработник на Преподобниот Јустин Ќелиски.
За Епископ беше избран во 1991 година како Епископ Банатски, а од 1992 година ја презеде управата на Епархијата Захумско-Херцеговачка и Приморска. Неговата архипастирска служба се одвиваше и во тешките воени години.
Автор е на значајни богословски дела, меѓу кои „Патрологија“, „Еклисиологија“ и „Христос – Нова Пасха“. Со своето дело и сведоштво остави силен белег во Српската Православна Црква и во поширокиот православен свет.




































