Епископот Давид на канонизацијата на свештеномаченикот Михаил во Црна Гора

На 24 јануари 2026 година, Неговото Преосвештенство Епископот Дремвитски г. Давид  сослужуваше на повеќеархијерејската света Литургија во храмот „Св. Никола”, Котор, Црна Гора.

На светата Литургија началствуваше Високопреосвештениот Архиепископ Цетињски и Митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј од Српската Православна Црква, во сослужение на Високопреосвештените и Преосвештените архијереји: Милешевски г. Атанасиј, Будимљанско-никшиќки г. Методиј, Захумско-херцеговски г. Димитриј, Славонски г. Јован, Буеносаирески и местобљустител Загребско-љубљански г. Кирил и Диоклијски г. Паисиј.

За време на богослужбата, на Малиот вход, беше извршена канонизацијата на Светиот свештеномаченик Михаил (Барбиќ). Актот за канонизација го прочита протојереј Игор Балабан.
По прочитаното евангелско зачало, со архипастирска беседа се обрати Митрополитот Јоаникиј, а по кршењето на славскиот колач беседеше Владиката Кирило.

Во својата беседа за новоканонизираниот свештеномаченик Михаил (Барбиќ), Митрополитот Јоаникиј истакна:

Од својата младост, поточно уште од своето детство, тој посакувал да биде свештеник, по примерот на својот голем стрико – Дубровничкиот протојереј Сава Барбиќ, кој исто така е Христов страдалник од Првата светска војна. Младиот Михаило се образувал колку што било можно во тоа време – во Кртоље, Дубровник, Задар и Сараево; бил познавач на јазици и сакал што поскоро да го прими благиот Христов јарем, односно свештеничката служба. Посакувал да служи во својата Бока, и тоа токму во својот завичај – Кртоље, иако ја знаел библиската реч: „Нема пророкот чест во своето место“.

Тогашниот Дабробосански митрополит, подоцна свештеномаченик, голема личност и еден од првите страдалници на усташко-националистичката окупација во Босна и Херцеговина, кога го видел младиот Михаило на почетокот на дваесеттите години – полетен, интелигентен, полн со вера и ревност, талентиран, добар поец и подготвен да ја прими свештеничката служба – сакал да го задржи кај себе во Сараево, да му биде сослужител. Но, Михаило сакал да се врати во својот крај. Бил парох во Морињ, а потоа и во Кртоље, вероучител, а подоцна и воен свештеник. Што гледаме? Дека цело време го изградувал и обликувал својот карактер. Се занимавал и со пишување – објавувал и пократки и подолги текстови во црковниот печат. Голем родољуб. Основал патриотски здруженија, кола на српски сестри, ја будел младината, бил вистински магнет за младите луѓе.

Кога побарал од Бококоторскиот епископ Кирил, човек за кого еден свештеник рекол дека има ангелска душа, да премине на Кртољската парохија, епископот му рекол: „Почекај, ќе има време и за тоа“. Ги видел неговите големи успеси во Морињската парохија и сакал таму да продолжи. Подоцна, во времето на митрополитот, а подоцна српски патријарх Гаврило Дожиќ, тој доаѓа во Кртоље. Конечно се враќа во своето место, својот крај, кај своите пријатели и роднини и започнува едно големо дело.

Едно од неговите големи дела е започнувањето на обновата на Манастирот Превлака. Прославата на јубилејот на Црквата „Света Троица“, задужбина на Катарина Властелиновиќ. Тогашниот митрополит Гаврило Дожиќ го посетувал, и бил толку задоволен од неговата работа што, при разделбата, го прегрнал и како татко син го бакнал и благословил. Големиот, строг и понекогаш буен, но со огромен авторитет Гаврило Дожиќ, ретко покажувал таква нежност кон своите свештеници.

Кога Бог ги пројавува Своите светии, тогаш и секој најмал детаљ од нивниот живот се гледа од нов агол – од небесна перспектива. Дали големиот и духоносен митрополит, подоцна свештеномаченик Петар Зимоњиќ, претчувствувал дека тогаш уште младиот богослов ќе му биде сослужител во Царството небесно како свештеномаченик? Дали Бококоторскиот владика Кирил, со ангелска душа, како што велеше еден свештеник, во младиот свештеник Михаило препознал човек со ангелска ревност и ангелска служба? Веројатно и тоа било присутно.

Но како сето тоа се случува? Божјите луѓе, особено оние кои се големи двигатели како што бил Михаило, не можат да поминат низ животот без завист, без пакост и подметнувања. Ако Господ Исус Христос бил клеветен, посрамен и распнат од луѓето од Својот народ, што тогаш да очекуваат оние што до крај одат по Неговите стапки?

Михаило, за жал, ја доживеал таа судбина од свои ближни – не по крв, но од многу блиски познаници и поединечни парохјани. Тоа било време на големи искушенија, воено и тешко време, народот бил разделен, а свештеномаченикот Михаило, колку што можел, го помирувал народот, спасувал човечки животи, ја штител својата паства и давал сè од себе за да му помогне на својот народ.

Но такви угледни свештеници, кои можеле да го поведат народот, им пречеле – знаете на кого – на оние што тогаш ја преземале власта. Тој бил оклеветен на најсрамен можен начин. Сепак, сите тие клевети многу брзо се покажале како лаги. Пред сè, ако Михаило навистина бил виновен за нешто, тоа ќе го докажеле, ќе му суделе и јавно ќе објавеле што сторил.

Но немало ниту судење, ниту пресуда, туку мачење во злогласниот Которски затвор. Не се знае точно – постои предание дека бил задавен и фрлен во септичка јама, а подоцна таа јама била испразнета… Значи, како Христос Господ што пострада на крстот, така и тој со своето страдање се уподобил на Христовиот Крст, на Неговото страдање и смрт. Но како што Господ Исус Христос се прослави преку Своето страдање и со Воскресението се јави како Победител над смртта и нè воведе во славата на победата и во новиот вечен живот, така и свештеномаченикот Михаило, следејќи Го Христа, го заслужи вечниот венец на славата и Божјата правда.

Како што вели Светото Писмо: „Споменот на праведникот е со пофалби, и нивните души се во раката Божја“. По неговата маченичка смрт било направено сè за неговиот спомен да се избрише, неговото име да не се спомнува. Можеме само да замислиме низ што поминало неговото семејство по војната. Но Божјата промисла била таква – тие го изгубиле таткото, но добиле светител, свештеномаченик, заштитник на својот дом и молитвеник пред престолот Божји. И денес можеме да кажеме дека тоа семејство е од Бога избрано, наградено и почестено.

Но, таа почест дошла преку големо страдање. Сите лаги фрлени врз свештеномаченикот Михаило брзо биле разобличени. Едно е кога човек страда јавно и чесно, а сите веднаш гледаат дека неговото страдање е праведно. Но многу потешко е кога човек чесно страда за Христа, а притоа е и оклеветен. Убеден сум дека славата на оние што и пострадале и биле оклеветени, а потоа се покажало дека клеветите биле лажни, е уште поголема. И ете, Бог ја пројави неговата слава.

Кој прв ги разобличи лагите за свештеномаченикот Михаило? Еден Кртољанин од кого тоа тешко можело да се очекува во тоа време. Идеолошки бил на друга страна, но според својата совест, храбро и чесно сведочел и ги разобличил клеветите против свештеномаченикот Михаило Барбиќ. Тоа е чесниот Васко Костиќ – и мора да го спомнеме неговото име. Во поново време, дополнителен труд вложи професорот Ненад Милошевиќ, кој го напиша неговото прекрасно житиe. Откако детално се запознавме со биографијата на отец Михаило, решивме да го предложиме на Светиот архиерејски собор, нашата Црква да го приброи кон ликот на светите, што и беше сторено на најсвечен начин, на заседанието на Светиот архиерејски собор во мај минатата година, без никаков приговор.

Неговата слава заблеска од оној свет, и сите ние денес имаме можност да му се молиме на новиот свештеномаченик, да го прославиме верниот служител на Господовиот олтар, да ги истакнеме неговите заслуги како пример за сите нас – како да се биде цврст во најтешки времиња, како да се служи на Господа со зборови и со добри дела и, ако треба, и маченички да се пострада за верата. Очигледно, свештеномаченикот Михаило, кога дошол тој миг, немал никакво двоумење и пострадал чесно.

Знаете, кога човек уште од младоста Му служи на Господа, постојано напредува и го обликува својот карактер, тоа се гледа и по фактот дека бил избран за воен свештеник. Тогаш не се избирале млаки, безрбетни и слаби луѓе за воени свештеници, туку храбри. Затоа, на секој разумен човек му било јасно дека на таков човек не може да му се припишат злодела, а особено не предавство.

Погледнете како Бог сè уредува – споменот на свештеномаченикот Михаило денес да заблеска во полн сјај токму овде, на местото каде што пострада, а оние што го клеветеа да се засрамат и да се покајат. Има сè уште по некој жив што ги памети тие времиња. Тие што учествувале во распнувањето и клеветењето одамна се пред лицето Божјо. Тој им прости на сите и пред Бога се измирија, па и ние овде да се измириме по нивен пример – да се прегрнеме едни со други, зашто празнувањето на споменот на светите е истовремено и ширење на братската љубов и слога. Да ги отвориме срцата свои. Тоа е пораката на свештеномаченикот Михаило – љубов кон Бога и кон ближните, за во нашите срца да се всели божествената љубов, и тогаш ќе се умножуваат љубовта и слогата меѓу нас.

Свет маченику Михаил, новозасветлен, моли Го Бога за нас.

Извор: https://mitropolija.com/2026/01/24/kanonizovan-svestenomucenik-mihailo-barbic-paroh-krtoljski/