Епископот делчевско-каменички г. Марко богослужеше во Требиње, Босна и Херцеговина

На 22 февруари, во саботата во Месопусната недела – задушница, со благослов на Митрополитот Захумско-херцеговски г. Димитриј, Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко началствуваше на светата Литургија во храмот „Свето Преображение“ во Требиње, Босна и Херцеговина.

На Литургијата молитвено беше присутен и домаќинот, Митрополитот Димитриј, како и Епископот Буеносаирески и Јужно-централноамерикански г. Кирил од Српската православна црква. За време на Литургијата верниот народ ги прими Светите Дарови.

На крајот Епископот г. Марко со избрани зборови се заблагодари за поканата, а Митрополитот-домаќин г. Димитриј му возврати со благодарност за несебичната жртва која ја направил. Епископот г. Марко не изостави, да каже дека денес сме собрани молитвено да го одбележиме четиригодишниот помен на блаженоупокоениот Митрополитот Атанасиј Јевтиќ. Во чест на неговиот помен Епископот г. Марко, заедно со свештенството направи трисагија спомнувајќи ги при тоа сите починати православни христијани.

Вечерта на истиот ден, Епископот Марко присуствуваше на третата, завршна вечер од програмата „Сеќавање на владиката Атанасиј“, во организација на Захумско-херцеговската епархија. На настанот кој се одржа во салата на Требињскиот културен центар учествуваа Митрополит Тверски и Кашински г. Амвросиј и јеромонах Игњатиј Шестаков од Руската православна црква, и Епископот Буеносајрески г. Кирил, а темата на дискусија беше „Лебот на Богословието“.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/16EttMCNfD/