Епископот Марко служеше на Малта

Во неделата на 12 октомври 2025 година епископот Делчевско-каменички г. Марко служеше Света Литургија во храмот посветен на свети Јоаким и Ана на Малта, во сослужение на свештенослужители од Српската Православна Црква и од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Овој храм припаѓа на Српската Православна Црква, а владиката Марко богослужеше на македонски јазик.

После прочитаното Евангелие епископот г. Марко се обрати кон присутниот верен народ толкувајќи го неделното евангелие.

На крајот од светата Литургија епископот г. Марко најнапред му се заблагодари на епископот Швајцарски г. Андреј од Српската Православна Црква за благословот да началствува со литургиското собрание, а потоа и на старешината на храмот, презвитерот Ристо Горанчиќ, на чија иницијатива владиката Марко беше поканет на Малта.

Во литургиското  собрание учествуваа православни верници од повеќе националности меѓу кои и значителен број Македонци кои живеат на овој остров. По Литургијата старешината на храмот приреди свечена празнична трпеза за сите присутни, кои се собраа, меѓу другото, да го прослават и празникот Покров на Пресвета Богородица, заради тоа што на самиот ден на празникот не можат да се соберат на Литургија поради работните обврски.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1GhjSrADHK/