Со благослов на надлежниот архијереј, Преосвештениот епископ Бихачко-петровачки г. Сергиј, од 15 до 17 ноември 2025 година, Преосвештениот епископ Делчевско-каменички г. Марко со својата придружба ја посети Бихачко-петровачката епархија на Српска Православна Црква.
На покана од архимандритот Варнава, во 23 недела по Педесетница, на денот кога го чествуваме и празникот на Обновување на храмот на светиот великомаченик Георгиј во Лида, епископот Марко служеше света Литургија во манастирот „Трескавац“, кој е посветен на свети Архангел Михаил. Нему му сослужуваа свештенослужителите од братството на манастирот како и свештенослужители од Делчевско-каменичката епархија.
По прочитаното Евангелие епископот Марко со пригодна беседа му се обрати на присутниот верен народ, а на крајот од Литургијата архимандритот Варнава со одбрани зборови им се заблагодари на гостите за посетата, а на епископот Марко му подари архијерејска митра.
Во рамките на посетата, гостите од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, посетија неколку цркви и манастири: манастирот Медна посветен на преподобномачениците Серафим, Авакум и Мардариј каде што и почиваат и нивните свети мошти, манастирот Веселиње, посветен на свети Јован Крстител, каде што почиваат моштите на Гламочките новомаченици, храмот посветен на Успение на Пресвета Богородица во градот Ливно, каде што почиваат моштите на Ливанските новомаченици, и храмот посветен на свети Сава во Мркоњиќ Град.
Во манастирот Медна, по вечерната богослужба во неделата, епископот Марко се задржа во разговор со група верници, посетители во манастирот, кои ги запозна со подемот и развојот на литургискиот живот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.


















