На 19 септември, со благослов на Неговото Преосвештенство епископот Швајцарски г. Андреј од Српската Православна Црква, Неговото Преосвештенство епископот Делчевско-каменички г. Марко, заедно со својата придружба, го посети Соборниот храм „Света Троица“ во Цирих, Швајцарија.
Во соборниот храм беше отслужена доксологија во чест на пристигнувањето на Епископот г. Марко, а потоа следуваше вечерна богослужба со воскресни и празнични молитвословија. По завршувањето на богослужбата, епископот домаќин, г. Андреј, срдечно го пречека својот собрат архијереј.
На 20 септември, во Неделата пред празникот Воздвижение на чесниот и животворен крст Господов, епископот Марко, во сослужение со епископот Андреј и свештенослужители од двете сестрински православни цркви, чиноначалствуваше со светата архијерејска Литургија во храмот посветен на Рождеството на Пресвета Богородица во Луцерн, Швајцарија.
На светата Литургија учествуваше многуброен верен народ, кој пристигна од повеќе краишта на Швајцарија, за заеднички да се помоли и да земе учество во светата Евхаристија, причестувајќи се со пречистите Тело и Крв Христови.
По благослов на епископот домаќин г. Андреј, епископот г. Марко му се обрати на присутниот народ со пригодно слово, во кое говореше за значењето на евангелскиот настан, за верата и духовниот живот на православниот христијанин, како и за важноста на единството и љубовта меѓу православните верници.
По завршувањето на светата Литургија, во чест на празникот беше извршен чинот на прекршување на славскиот колач.
Епископот Андреј го претстави пред верниот народ епископот Марко, притоа заблагодарувајќи му се за посетата и за одѕивот на поканата за заедничко сослужување и молитвено единство.
По светата Литургија, старешината на храмот, протопрезвитер Драган Станојевиќ, приреди празничен ручек во чест на гостите и верниот народ, со што во братска и христијанска љубов продолжи заедничарењето на присутните.





















