Во Неделата на светите жени мироносници, епископот Антански г. Партениј отслужи архијерејска Божествена Литургија во древниот храм „Св. Апостол Јаков“ во центарот на Фиренца, Италија, на брегот на реката Арно.
На Литургијата сослужуваа старешината на храмот, архимандритот Николај Пападопулос, архиерејски намесник на Цариградската патријаршија за Тоскана и Лигурија, како и бигорските отци Доситеј, Кирил, Анатолиј и Ефросиниј. Во молитвеното собрание учествуваа и сестрите од манастирите Рајчица и Пречиста, кои заедно со бигорското братство се на поклонение на светињите во Италија.
Храмот „Свети Јаков над Арно“ е меѓу најстарите богослужбени места во Фиренца, со постоење документирано уште од XI век. Првобитно изграден како романска трикорабна базилика, низ вековите бил обновуван и доградуван, носејќи белези од различни историски епохи. Од 2006 година, со благослов на Фирентинската диецеза, храмот е предаден на Архиепископијата на Италија и Малта на Цариградската патријаршија, и во него се служи православно богослужение.
Во своето обраќање по Литургијата, владиката Партениј му се заблагодари на архимандритот Николај за братскиот прием и за можноста богослужбата да се изврши во овој значаен храм. Притоа беше истакнато дека Црквата нема граници и дека литургиското единство ги надминува разликите на јазикот, културата и времето.
Особена духовна димензија на богослужбата даде и фактот што евангелските читања и молитвите беа произнесени на шест јазици, пред верници од различни народи и земји, собрани околу едната Евхаристиска Чаша.












Извор: https://bigorski.org.mk/vesti/bogosluzhbi/bozhestvena-liturgija-vo-hramot-na-sveti-jakov-vo-firenca/
