Европската епархија се стекна со две нови богослужбени места

На 15 октомври 2025 година, Македонската православна црковна општина „Свети Стефан“ во Утрехт, Холандија, доживеа историски и радосен момент – известува Европската епархија на Македонската Православна Црква.

Имено, со благослов на надлежниот епархиски архиереј на Европската епархија, Неговото Високопреосвештенство митрополитот г. Пимен, членовите на Црковно-управниот одбор, парохискиот свештеник отец Захариј, претседателот на црковниот одбор г. Ѓорги Трајков и г. Бранко Гошев го потпишаа купопродажниот договор со кој официјално нашинците се стекнаа со сопствен објект и придружен простор во градот Утрехт. Овој објект ќе биде пренаменет и уреден како македонски православен храм, посветен на Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан – небесниот покровител на оваа заедница. Со тоа, верниците на црковната општина „Свети Стефан“ добиваат свој духовен дом, каде што ќе можат да се собираат на света литургија, молитва и заедништво во верата.

Само неколку дена подоцна, на 18 октомври 2025 година, членовите на општината, исполнети со благодарност и ревност, организираа работна акција за чистење и уредување на дворот и околината на новокупениот објект. Оваа благословена вест претставува уште едно сведоштво за живата вера и посветеност на македонскиот народ во дијаспората, како и за постојаниот духовен раст на Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Исто така, на 17 октомври, Македонската православна црковна општина од Штутгарт извести дека во присуство на митрополитот Пимен, беше официјално потпишан купопродажниот договор за храмот „Свети Кирил и Методиј“ Штутгарт.

Договорот е потпишан помеѓу германските претставници на досегашната црковна заедница и делегацијата на Македонската православна црковна општина предводена од парохискиот свештеник отец Александар Новоселски и членовите на црковниот одбор. Овој чин претставува значаен духовен и историски момент за македонската православна заедница во Германија. Со ова, верниците добиваат уште еден дом на верата, молитвата и заедништвото.

„Создаваме денес, за утре да имаме историја“, порачуваат од црковната општина „Свети Кирил и Методиј“ – Штутгарт“.

Извор: https://www.facebook.com/MPEzaEvropa