„Хиландарски светилник“ во Охрид

Во рамките на проектот „Хиландарски светилник“, деца од Источна Илиџа, Чачак и од Косово и Метохија престојуваа од 23 до 30 јуни 2026 година во Охрид, каде што учествуваа на кампот под наслов „Православието и духовноста нè поврзуваат под закрилата на молитвата“.

Православниот камп за млади, со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, го организираше Здружението „Мир, слога, стабилност – Скопје“ од Македонија.

Добротворно-образовните здруженија на манастирот Хиландар, „Теофил 1198“ од Чачак и „Теофилос“ од Солун, собраа 45 деца, кои една седмица престојуваа заедно со своите врсници од Македонија. За нив беа организирани секојдневни интерактивни, ликовни, музички и фолклорни работилници, како и посети на знаменитостите во околината на Охрид. Овој град, сместен на брегот на Охридското Езеро, е познат по своето богато духовно наследство и по своите 365 православни цркви – по една за секој ден во годината. Денес се зачувани и обновени околу 40 храмови.

На вториот ден од кампот учесниците ги посетија хиландарските монаси – првиот епитроп на манастирот Хиландар, јеромонах Арсениј, во придружба на јеромонах Исаија, јеромонах Нектариј и монах Симон. Тие им ги пренесоа на децата, организаторите и воспитувачите благословите и поздравите од Високопреподобниот архимандрит Методиј, игумен на светата царска српска лавра Хиландар на Света Гора, како и од целото манастирско братство. Монасите времето го поминаа во дружење и разговор со децата, а учествуваа и во нивните дневни активности, меѓу кои и ликовната работилница.

Програмата на кампот опфати учество на литургиски богослужби, како и посети на бројни светилишта, меѓу кои манастирот „Свети Наум“ и црквата „Свети Климент“ на Плаошник. Таму учесниците имаа можност да се поклонат на моштите на Свети Климент и Свети Наум, основоположници на словенската писменост.

Извор: https://www.hilandar.org/hilandarski-svetionik-u-ohridu/