Во продолжение го пренесуваме овој осврт што пристигна до редакцијата на „Литургија.мк“, кој го препорачуваме на Вашето внимание.
Последниве неколку дена, сведоци сме дека на социјалните мрежи се појавија доста препирки и расправии помеѓу народот, за тоа кој е достоен да го наследи тронот на Богочуваната Дебарско-кичевска митрополија. Достојни се сите, и епископи и јеромонаси. Но, сепак, еден од нив ќе биде најдостоен. Иако реално, пред Бога сите сме недостојни. Но, тој којшто ќе биде избран од Светиот Архиерејски Синод, кој пак е вдахновен од Светиот Дух – Господ, врз тој сад (човек) ќе биде излеан Троичниот Божји благослов, да постане митрополит на дотичната катедра.
Браќа и сестри! Зарем некој од нас ќе се осуди, да го осуди Најблажениот Архиепископ наш, Охридски и Македонски г.г. Стефан за некоја негова одлука? Зарем имаме смелост да се осудиме, осудувајќи го Соборот на Светите Епископи на нашата Помесна Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, за нивна одлука? Зарем нашиот духовен подвиг е поголем од подвигот на нашите Епископи? Никако. Зарем ние имаме поголем духовен опит, искуство, од Архиепископот, Митрополитите и Епископите на нашата Црква? Далеку од тоа! Зарем секој од нас поединечно, повеќе се моли отколку што се моли надлежниот Епископ, за својата епархија? Не, верувајте. И најбитно! Зарем имам поголема доверба во себеси и во своето мислење, отколку во Промислата на Троичниот наш Бог, Отецот и Синот и Духот Свети, а потоа, во молитвеното застапништво на Пресветата Богородица и на сите светители, а веднаш после нив и во одлуките на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и во Соборот на Епископите на нашата Црква? Ако имам доверба само во себеси, тогаш сум горделив. Ако немам доверба во оние кои стојат на местото Христово, немам доверба ниту во Самиот Христос. Запомнете: ако нешто не Му е угодно на Бог, нема да биде. Но, ако нешто е по волјата Божја, и целиот свет да се преврти, тоа ќе бидне. Проблемот е што ние не ја препознаваме Христовата волја, заради нашата острастеност. Имајќи го ова на ум, да внимаваме, да не постанеме богоборци, стоејќи простум во спротивниот правец на Тивкиот Ветер, затоа што Тој е моќен, иако е тивок и смирен, и нема да дозволи никој да ја уништи Неговата Црква – целиот народ Божји, за кого Тој умре и воскресна.
Мислам дека сме ја заборавиле смислата и целта на нашето постоење (ова се однесува и за световниот и за монашкиот живот): личносната заедница со Христос. Сѐ за Христос, Христос за ништо. Само Него. Ништо друго! Ништо! Ако бараме пофалби, награди или пак црковно-ерархиски чинови, наместо Христос, сме изгубиле сѐ. Ако пак, Го имаме Христос, како што вели еден свет Епископ, тогаш имаме сѐ. А за да Го имаме Христос, за Тој да се всели во нас, треба да Му го отвориме срцето, да го смириме расеаниот наш ум и да ја пројавиме љубовта и послушноста кон сите луѓе, а особено кон Епископите на нашата Црква. Работите се едноставни: ако немаме љубов и послушност кон Црквата, немаме љубов ниту послушност кон Главата нејзина – Христос. Не е лошо да го споменеме и тоа дека Црквата не е само народот, но не е и само клирот. Црквата како Тело Христово е и народ и клир, заедно, без никакво делење. Но, таа е епископоцентрична (читај Христоцентрична), како што вели свети Игнатиј Богоносец, а и свети Кипријан Картагински: каде што е Епископот, таму е и Црквата, и каде што е Црквата, таму е и Епископот.
Размислував и за тоа, кога говориме за некого дека е „недостоен“ за некој повик (чин), за кој го повикува Црквата. Ако имаме потврда, т.е. доказ, дека некој навистина е недостоен, тогаш може и да не подлегнеме на осуда, најпрво од Бог, а потоа и од Црквата. Но, ако за некого кажеме дека е недостоен, лажно клеветејќи го дека не е заслужен да го прими чинот за кој е повикан од Црквата, тогаш ние сме достојни да претрпиме казна – воспитна љубовна мерка, најпрво од Црквата, а кога ќе се исполни времето, и од Бог, затоа што поради нељубов и гнев кон другиот, лажно го клеветиме пред Црквата. Таа поправна, педагошка мерка, за лажно клеветење-сведочење, кога за некого ќе кажеме дека не е достоен, од гнев и нељубов, а е, е екскомуникацијата од Литургиското општење, односно забраната за причестување со Телото и Крвта Христови, на одредено време, и неа може, и треба да ја изрече (обзнани) Соборот на Епископите на Помесната Црква, бидејќи, со лажното сведочење, најпрво, индиректно, се „унижува“ и се „оцрнува“ Црквата (Епископатот и народот Божји), а потоа, директно, и дотичниот кандидат – кој е дел на Телото Христово.
Заклучокот што треба да го извлечиме, е дека ние, народот Божји, најпрво треба да бидеме соучесници во крстот на нашите Епископи, како што тие се соучесници во нашите крстови, носејќи ги еден со друг до Голгота. Тоа значи, дека во овие моменти, кога Црквата се спрема за Собор на Епископите, познато како Синодска седница во полн состав, ние сме должни молитвено да ги поткрепуваме и да соучествуваме во работата на Епископите. Значи, не да ги судиме, туку да се молиме со нив. Затоа, да ги засилиме нашите молитви, и да ги обуздаме нашите усни од непотребни зборови, говорејќи во внатрешноста на нашето срце: Господи Исусе Христе, помилувај нѐ.
По молитвите на светите Климент и Наум Охридски, а особено на Пресветата Владичица наша Богородица, Христе, Воплотен Боже наш, помилувај нѐ нас, Твоите непослушни деца.
човек од народот Божји
