Хуманитарна мисија на Фондацијата Елеуса во Струмичката епархија

Над 200 семејства од регионот ги добија хуманитарните прехранбени пакети од Фондација Елеуса. Ова е една од најобемните кампањи кои ги спроведува Фондацијата со оглед на големината на самите пакети и опфатот на голем број на семејства на кои им е потребна помош.

– Нашата хуманитарна мисија е неодвоива од хуманоста и општествената одговорност на заедницата и бизнисот. Неколкупати годишно испраќаме хуманитарни пакети до најсиромашните, а секоја година одбираме различен модел на собирање на средствата. Годинава на наше огромно задоволство, на повикот на Фондација Елеуса за велигденската хуманитарна акција се вклучија ПИ „Витаминка“ од Прилеп, Здружението на возачите од Струмица, Колид Колешино, Лав Комерц, Ал Макс, Млекарница „Јока“, Екстра Меин, Макс Струмица, Бучен Козјак, Дисконт Терзи, Хортена, Карго Експрес, Дуки Транс како и голем број поединци, објаснуваат од Фондацијата.

Подготовката на пакетите е невозможна и без волонтерскиот ангажман. Од Елеуса велат, дека годинава ги надминале сопствените очекувања и успеале сите пакети да ги подготват за само еден ден.

– Посебно се радувавме што годинава успеавме пакетите да ги спремиме за само еден ден. Тоа е резултат на посветеноста и љубовта на волонтерите на кои им сме посебно благодарни, затоа што тие, заедно со заедницата се нужна алка во оваа хумана приказна, велат од Елеуса.

Со хуманитарните пакети опфатени се семејства од општините и населените места кои гравитираат кон Струмичката православна епархија – Струмица, Берово, Пехчево, Дојран, Василево, Ново Село и Босилово.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1HYnSo7WF4/