Илинден прославен во Ѕвегорскиот манастир „Св. Илија“, Делчевско

На 2-ри август / 20 јули 2025 година, на националниот празник Илинден, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија го чествува големиот меѓу пророците Божји, Св. Пророк Илија. По тој повод во с. Ѕвегор на разиграните Ѕвегорски падини, се служеше Света Литургија на отворено, пред манастирската црква, посветена на овој славен пророк, започна прославувањето на манастирската слава.

На светата архијерејска Литургија началствуваше вомировениот епископ Средноевропски г. Константин во сослужение со вомировен епископ Канадски г. Георгиј – обајцата од Српската Православна Црква, и надлежниот епархиски архијереј на богомдаруваната Делчевско-каменичка епархија г. Марко.

Пригодна празнична беседа за ликот и делото на пророкот Илија пред големото молитвено собрание одржа епископот Канадски г. Георгиј. Во знак на срдечно братољубие и истакнувајќи го значењето на денешното Литургиско заедничарење, епископот Канадски г. Георгиј и епископот Средноевропски г. Константин, на епископот Делчевско-каменички г. Марко му подарија рачен крст, како симбол на христијански опстој и непокор и знак со кој ја потврдуваме верата во Христа Бога и ја имаме надежта во молитвеното застапништво на славниот пророк Илија. На оваа Света Литургија радоста на заедничарењето во Телото и Крвта Христови ја збогатија со своето сослужување покрај свештениците од Делчевско-каменичката епархија и свештеници од богомспасуваната епархија Брегалничка и свештеници од богомспасуваната епархија Европска, како и игуменот на манастирот во Осовица Неговото Високопреподобие г. Теофил и Неговото Преподобие протосингел г. Максим Илиќ од сестринската Српска Православна Црква.

На светата Литургија со своите рамноангелски гласови пееја членовите на женскиот хор при Делчевско-каменичката епархија, како и псалтот Владимир од Преспанско-пелагониска епархија.

На светата архиjерејска Литургијата верниот народ се причести со Телото и Крвта Христови.

Чествувањето на манастирската слава во манастирот „Св. Пророк Илија“ во с. Ѕвегор продолжи во попладневните часови со општонародна веселба на која беше приредена и трпеза на љубовта во чест на Илинден и манастирската слава.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/15wwV6Lv4T/