Вечерта на 25-ти ноември, спроти празникот посветен на свети Јован Златоуст и преп. мч. Дамаскин, се отслужи сеноќно бдение во светата обител посветена на светиот Јован Златоуст во с. Нижеполе, Битола.
Повод за ова сослужување беше именденот на Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован. На сеноќното бдение кое започна во 22:00 часот, началствуваше Митрополит Захумско-херцеговски г. Димитриј од Српската православна црква во сослужение со Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован и Епископот Делчевско-каменички г. Марко.
По читањето на Светото Евангелие, Митрополит Захумско-херцеговски г. Димитриј одржа пригодна беседа.
На крајот на Литургија верниот народ ги прими божествените дарови. По сеноќното бдение архијереите меѓусебно се заблагодарија и си посакаа во иднина, да имаат уште многу заеднички сослужувања.