На 3 ноември / 21 октомври 2025 година кога го чествуваме споменот на светиот Иларион Мегленски, преподобниот Иларион Велики и преподобниот Филотеј Атонски во храмот посветен на светите Иларион Мегленски и Нектариј Егински во населбата „Железничка“, во Штип, беше отслужена света архијерејска Литургија.
На Литургијата началствуваше Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение со Неговото Високопреосвештенство митрополитот Брегалнички г. Иларион, кој на овој ден го празнува својот именден, со Неговото Преосвештенство епископот Стобиски г. Јаков и свештенослужители на повеќе епархии на Македонската Православна Црква.
На крајот од Божествената Литургија, епископот Јаков одржа пригодна беседа, а потоа архијереите извршија мал водосвет и го благословија и пресекоа празничниот леб.
„Од името на целото свештенство, ѓаконство, монашките братства и сестринства, како и од верниот народ и духовните чеда, на богодаруваниот ни Митрополит Брегалнички господин Иларион му го честитаме именденот со молитви кон Троединиот Бог да му дарува долгоденствие, телесно здравје и мудрост уште многу лета да раководи со од Бога доверената му епархија“ – се вели во известувањето од Брегалничката епархија.
На многаја и благаја лета Владико свети!























