На 5 ноември 2025 година, кога Црквата го празнува споменот на светиот апостол Јаков брат Господов, во манастирот на „Свети Леонтиј и Покров на Пресвета Богородица“, во Водоча, викарниот Епископ Стобиски г. Јаков отслужи Литургија на светиот апостол Јаков брат Господов, во сослужение со свештенослужители од повеќе епархии на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
На богослужбата присуствуваа и градоначалникот на Општина Струмица Петар Јанков, градоначалникот на Општина Ново Село Ѓорге Божинов, пратеникот Петар Марков, поранешниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, советници и голем број на верници.
Јакововата литургија, ја напишал самиот апостол Јаков, брат Господов, а истата се смета за една од најстарите литургии, датирајќи од првите векови на христијанството, што ѝ дава посебна историска и духовна вредност. Оваа литургија го изразува автентичниот христијански живот на ранохристијанската Црква.

















