Прво сослужување на Архиепископот Стефан со поглаварот на Православната Црква во Америка

На 2 септември 2025 година, во катедралниот храм на Православната Црква во Америка „Св. Николај Чудотворец“ во Вашингтон, беше отслужена заедничка Света Литургија од Неговото Блаженство г.г. Тихон, Митрополит Вашингтонски и Архиепископ на цела Америка и Канада, и Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски.

На Литургијата сослужуваа многубројни архијереи, свештеници и ѓакони од различни помесни православни Цркви. Молитвено присуствуваше и Митрополитот Американско-канадски г. Методиј.

Во текот на Литургијата, Митрополитот Тихон за првпат го спомна Архиепископот Стефан во Диптихот на Поглаварите на Православните Цркви – со што и литургиски беше потврдено признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од страна на Православната Црква во Америка.

Овој настан беше исполнет со духовна радост и на него присуствуваа бројни македонски свештеници и верници од САД и Канада кои со љубов  ја споделија оваа историска Литургија.

По Светата Литургија беше приреден свечен прием во амбасадата на Р. Македонија во Вашингтон и средба со Амбасадорот Р. Македонија во САД неговата Екселенција г. Зоран Попов.

На многаја лета!

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1Am6Lbpip7/