Историско сослужување во Валаам

По покана на Неговата Светост, Патријархот Московски и на сета Рус г.г. Кирил, на 15 октомври 2025 година, на Валаам пристигна делегација на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, во состав: Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, викарот на Преспанско-пелагониската епархија, Епископот Велички г. Николај, и раководителот на Издавачкиот оддел на Скопската епархија, јеромонах Атанасиј Арсоски.

Веднаш по пристигнувањето на островот, гостите, во придружба на Валаамскиот монах, отец Наум (Петковски) – родум од Македонија, и водичот на поклоничката служба на обителта, Даниил Колесников, го посетија храмот на Господовото Преображение, каде што се запознаа со главните светињи на манастирот и се помолија пред нив.

Во топла и братска атмосфера се одржа средба во братски дух со игуменот на Валаамскиот манастир, Епископот Троицки г. Панкратиј. По неговата покана, гостите го посетија игуменските гробишта, каде што архијереите отслужија помен на гробот на приснопамјатниот Валаамскиот отец родум од Македонија – архимандрит Методиј (Петров).

Утрото на 16 октомври започна со соборна архијерејска Литургија во храмот на рамноапостолните браќа Кирил и Методиј, во поклоничкиот дом „Словенски“. На Литургијата началствуваше Митрополитот Петар, во сослужение со Епископите Панкратиј и Никола.

За време на богослужбата, на заупокоената ектенија беа спомнати приснопамјатниот архимандрит Методиј – по чиј труд е изграден овој храм, како и неговите родители, Кирил и Слободка.

Главната животна желба на отец Методиј, кого во свое време Неговата Светост Патријархот Кирил го нарече „пратеник на Македонија во Русија“, беше признавањето на автокефалноста на канонската Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, што се оствари во мај 2022 година, една година по неговото блажено упокојување.

До 2022 година, претставници на Македонската Црква ги посетуваа пределите на Русија, вклучително и Валаам, но никогаш не служеле Литургија и не се причестувале. Поради тоа, денешниот ден има историско значење, како што истакна Игуменот на Валаамскиот манастир, Епископот Троицки Панкратиј, во своето слово по завршувањето на богослужбата.

„Првпат по признавањето на автокефалноста, делегација на Македонската Православна Црква ги посетува светињите на Руската Православна Црква, и првпат имаме голема милост од Седржителот да се причестиме од едната Христова Чаша“, рече Митрополитот Петар.

„По затворањето на Валаамскиот манастир во 1940 година, многу монаси се разотидоа на различни места, меѓу кои и во Македонија и други балкански земји. Ние ги паметиме и им благодариме за нивниот пример на вера. Верувам дека Македонија ја врати таа чест преку личноста на архимандрит Методиј, кој живееше на Валаам цели 28 години.“

Во наредните денови ќе продолжи запознавањето на делегацијата на Македонската Православна Црква со скитовите и знаменитите места на Валаамскиот архипелаг.

Извор: https://valaam.ru/publishing/1892742/ преку: http://www.pppe.mk/2025/poseta-na-valaamskiot-manastir/