По големата Божја милост, за прослава на Бога преку Неговите Светии, излезе од печат нова книга на Сестринството на Слепченскиот Манастир Св. Јован Претеча, насловена „ЈАС ОСВЕН ХРИСТА НИШТО НЕМАМ – Света преподобномаченичка Стефанида Битолско-Скадарска“.
Во книгата е направена споредба на духовниот лик на Светата Стефанида со учењето и опитот на Светите Отци и преподобните Мајки на Црквата. Преку нејзиниот живот во Христа, таа ни остава поука за живата ни Црква, и нѐ уверува дека се возможни таквите подвизи и животот во Духот и денес, по зборовите на преподобниот Нил Сорски, кој вели: „А оние кои усрдно се каат, кои со голема љубов и страв Го призиваат Бога и само на Него гледаат, и ги следат Неговите заповеди, – сите такви Господ ги прима, ги љуби, им ја дарува благодатта Своја и ги прославува.“
Охристовената душа на Светата Стефанида ни се објавува како светило кое „им свети на сите в куќи“ и ги стоплува нашите души за прослава на Бога и ние ја препознаваме како смирена подвижничка, богобарателка, тихувателка, пустиножителка насреде градот, усрдна молитвеничка, на која Бог ѝ подари и венец на мачеништво. За прв пат преведени на македонски јазик се и нејзините исповедни писма, а исто така, во книгата се објавени и нови сознанија кои се однесуваат на нејзиниот живот и мачеништво, како и за пронаоѓањето на нејзините чесни мошти. Во книгата поместени се и службата и акатистот на македонски и црковнословенски јазик.
Оваа книга е своевидно запознавање со копнежливата душа на Преподобната и со нејзиното непоколебливо тежнеење кон Христа. Упивајќи ги нејзините повици: “Христе мој животе!“ „Без Тебе ништо живо, неможе живо да биде!“и „Смрт со Тебе нема, туку небесна светлина и вечно веселие!“, ние воскликнуваме: Света преподобномаченике Стефанида, моли Го Бога за нас!
Прославата за нејзиното впишување во диптихот на Светиите ќе биде на 29 и 30 јуни 2024 година, во Слепченскиот Манастир и во градот Битола.
Слава на Бога Троичниот, Отецот Синот и Светиот Дух, сега и во вековите на вековите! Амин!