На 6 октомври 2024 година, во Неделата на сите македонски светители, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан – по повод 25-годишнината од неговото востоличување на тронот на Охридската Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската Православна Црква – чиноначалствуваше на Светата Литургија во Архиепископскиот соборен храм „Свети Климент Охридски“ – Скопје. Нему му сослужуваа Нивните Високипреосвештенства, Митрополитите: Преспанско-пелагониски г. Петар, Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Струмички г. Наум, Повардарски г. Агатангел, Крушевско-демирхисарски г. Јован, Европски г. Пимен, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Кумановско-осоговски г. Григориј и Нивните Преосвештенства, Епископите: Дељадровско-илинденски г. Јоаким и Делчевско-каменички г. Марко и свештенослужители од повеќе епархии на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија
На Литургијата беше присутна и Претседателот на Р. Македонија г-ѓа Гордана Сиљановска Давкова.
Пред самиот крај на Литургијата, Архиепископот се обрати до верниот народ со пригодно, свечено слово.
По Литургијата, во свечената сала на Музејот на македонската борба за самостојност, беше одржана промоцијата на 6-тиот и на 7-миот том од збирките со беседи „Слова за Словото“ во авторство на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
На промоцијата, свој промотивен збор зедоа двајца промотори – игуменот на Мариовскиот манастир „Свети Никола“, Неговото Преосвештенство, Епископот Велички г. Никола и презвитерот Милан Ѓорѓевиќ, професор на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ – коишто го искажаа своето богословско-книжевно гледиште врз двете новообјавени книги. Потоа следуваше и свечено обраќање на авторот на книгите – Архиепископот Стефан – кој говореше за богословењето како најавтентичен вид на богославење, но и за разноликиот карактер на беседите во книгите.
Свеченоста беше збогатена и со прекрасните изведби на Архиепископскиот црковен хор „Свети Климент Охридски“. На промоцијата, помеѓу останатите, присуствуваше Директорот за Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи г-ѓа Оливера Трајковска и Министерот за внатрешни работи г. Панче Тошковски.
Следуваше свечена трпеза во хотелот „Мериот“, на која беа присутни мноштво угледни гости. Неговата Екселенција Амбасадорот на Русија во Македонија г. Сергеј Баздникин во оваа прилика му го честиташе јубилејот на Архиепископот Стефан и ја прочита честитката што по овој повод до Архиепископот Стефан ја испрати Неговата Светост Рускиот Патријарх г.г. Кирил и честитката од раководителот на Одделот за надворешни црковни врски на Руската Православна Црква, Митрополитот Волоколамски г. Антониј.

















































Извор: https://mpc-spe.mk/