Јубилејни 10 години од завршувањето и матурирањето на 47 генерација богослови (2010-2015)

Подготвил: Сашо Ванчоски

На ден 11 јуни 2025 година (среда), по десет години од завршувањето на матурскиот испит, се одржа генерациската средба на четириесет и седмата генерација дипломирани богослови од Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ – Скопје, с. Драчево.

Оваа средба се одржа во просториите на Богословијата заедно со почитуваниот класен раководител на оваа генерација, професорот господин Јовица Накиќ, сега веќе пензиониран професор. Најпрво, со пеење на тропарот од свети Климент Охридски – патронот на Богословијата и со тропарот на празникот Педесетница (Духовден) започна класниот час, каде се разговараше за подемите на генерацијата по завршување на Богословијата, а потоа претседателот на оваа генерација, богословот Сашо Ванчоски одржа пригодно слово пред присутните колеги и отци, кое ќе го пренесеме во целост. Исто така, се изврши и Света Божествена Литургија во параклисот кој се наоѓа во склоп на Богословијата, посветен на патронот свети Климент Охридски, а сето тоа се должи на молитвите и благословот од ректорот, митрополитот Повардарски господин Агатангел и на заменик-ректорот професор протоереј-ставрофор Јован Кумевски. По завршување на Литургијата, со заедничка молитва за покој на душата на упокоениот брат Јане Глигороски, на неговото почивалиште на гробиштата во Драчево, а потоа и со заеднички ручек се заврши оваа средба на ⅩⅬⅦ генерација богослови.

Нивниот почеток во Богословијата започна на 15 јуни 2010 година, кога по полагањето на приемниот испит од околу 30 ученици примени беа 19 ученици, а на крајот завршија 11 матуранти. Денес тие се свештеници, ѓакони и останати помошници во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Матурантите кои завршиле од оваа генерација во Богословија се: чтец Орце Андреевски, ѓакон Крсте Атанасов, ѓакон Никола Атанасовски, Сашо Ванчоски, чтец Валентин Вериџовски, ипоѓакон Јане Глигороски (†), ереј Никола Димиќ, ереј Дејвид Јорданов, ереј Васил Михајлоски, чтец Мартин Мрмачовски и протоереј Илија Сламков.

Пригоден говор, искажан по повод 10 години од матура

Иако не подготвив никаков пишан текст, сакам да искажам едно слово.

Почитуван професоре и класен наш раководителе, господин Јовица Накиќ!

Драги мои, возљубени состуденти, колеги, отци и браќа и пријатели!

Ви благодарам, што ете денеска ние тука се собравме помеѓу овие ѕидови, каде што ја поминавме нашата петгодишна младост, тинејџерска младост; каде што Го славевме Бога и утро и вечер; каде што се наобразовавме за да ни користи тоа во нашите животи и најнапред треба да Му благодариме за сè на Бога и Отецот што ни даде можност и сила да учиме, да живееме, да си помагаме и слично. Верувам дека кога и да сме биле некогаш како камен на сопнување меѓусебно, ние сме се издигале како феникс од пепелта и повторно сме си наоѓале заеднички јазик и разбирање.

Да го споменеме и нашиот упокоен брат Јане Глигороски, Бог да го прости, царство небесно да задобие, та никогаш да не го заборавиме во нашите молитви; да се присеќаваме на неговиот стремеж и неговата сила кои сакаше да ги даде, да ги постави и во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и во Македонија и секаде каде што учествуваше. Исто така, оние коишто денеска не се присутни од оправдани причини, секогаш да ги споменуваме и да се дружиме помеѓу себе, сè додека сме живи.

Ако се сетиме, ова наше патување во Богословијата започна кога имавме приемен испит на 15 јуни 2010 година (пред 15 години) кога дојдовме околу 30-тина млади души барајќи Го Бога, барајќи Го изворот од каде што доаѓа Животот, а од кои примени бевме 19 ученици. Некои брзо си заминаа, некои од свои причини се отпишаа, некои не успеаја да поминат година и на крајот останавме на табло 11 силни мажи кои поминаа еден матурски испит. Знаеме дека на матурскиот испит беа и други собраќа и поминавме мислам еден убав пат, еден убав период.

Ние како ⅩⅬⅦ генерација во Богословија, добро се сеќаваме дека уште на почетокот нè мислеа како многу лоша, непримерна, непослушна кон надредените и арогантна генерација во секој аспект овде на живеењето и учењето. Но, се покажа дека тој таков силен, бодар дух, денес кога вие вака сте отци и свештеници и ѓакони и помагате на епархии, не бил залуден и покажавме дека имаме живот во нас. Ние се покажавме како оној наемник, кој иако беше последен дојде прв таму и Му даде на Бога колку што требаше, Му го исплати своето. И нели ако светиот цар Давид во своите Псалми вели: Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно! (Псал. 132,1), така и нас до ден денес ни е убаво да живееме заедно.

Верувам и знам дека оваа ваша свештеничка работа, свештенички позив е тежок и вистина многу бара, но знам дека со Божјата сила ќе ги надминете препреките, ќе станете пример во ова општество и насекаде. На овој свет, на Македонија и пред сè на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва им се потребни работници на Божјата нива. Верувам во вас дека сте такви! Тоа пред сè важи за свештениците и ѓаконите и знам дека во определеното време Бог ќе нè награди со секоја Негова милост, затоа што Бог е толку Милостив што ни има дарено сè што е потребно. Од храна, живот, облека, на вас деца и сè останато.

Исто треба да напоменам дека низ овие ходници ние многу поминавме. Ние и заедно ја делевме храната со благодарност кон Бога и верувам дека никогаш нема да престанеме така да правиме, сè во Божја слава и нека Бог Семилостивиот, како што вели: Јас Сум добриот Пастир (Јован 10,11), ви дарува можност и вие да бидете добри пастири, да Го славиме постојано Бога, Сесвета Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух, постојано, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!

За време на Светата Божествена Литургија сослужители беа свештениците протоереј Илија Сламков и ереите Дејвид Јорданов и Никола Димиќ и ѓаконот Крсте Атанасов. На певница беше Сашо Ванчоски и свештеникот ереј Васил Михајлоски. Помошник во олтарот беше чтецот Мартин Мрмачовски. При крајот на Литургијата отец Дејвид искажа проповед по повод 10 годишнината на матура и им честита на овогодинешните матуранти, кажувајќи дека е голема чест да се биде во Богословија и да се помине времето заедно.

Оваа ⅩⅬⅦ генерација искажува благодарност на својот класен раководител, професор Јовица Накиќ и на сите свои професори и вработените, а најголема благодарност кон ректорот на Македонската православна богословија, митрополитот Повардарски г. Агатангел.