Јубилејот 150 години од Разловечкото востание прославен во с. Разловци

На 19 мај 2026 година, се одржа централна свеченост во с. Разловци по повод 150 години Разловечко востание.

Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко, со повеќе свештеници од повеќе места од Република Македонија, направи панихида за паднатите борци за слобода во црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во присуство на Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, и висока владина делегација.

Подолу пренесуваме видео снимка од беседата изречена од владиката Марко во црквата по завршувањето на панихидата.

Селото Разловци да се прогласи за заштитена историска целина-културно наследство од особено значење на Македонија.  Ова е Иницијативата од Општина Делчево, месната заедница во с. Разловци, пошироката јавност и почитувачи на македонската историја до Управата за заштита на културното наследство и Министерство за култура и туризам која јавно ја испорача градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски во своето обраќање по повод чествувањето на 150- годишнината на Разловечкото востание што денеска се одржа во с. Разловци. На централната прослава присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за одбрана Владо Мисајловски, претставници од кабинетот на претседателката на државава, претставници од АРМ, пратеници во Собранието, од многу институции, ученици и добронамерници и пријатели на Делчево.

Цитирајќи ја порака од водачот на Востанието, Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски, „Македонецот не бара милост, туку слобода“, Гоцевски порача дека денес ние не се поклонуваме само пред минатото, се поклонуваме пред достоинството,пред жртвата, пред храброста на луѓето кои ни покажале дека слободата никогаш не се добива како подарок-таа се освојува со борба, со труд и работа, со визија и пркос, со љубов кон татковината.

Ние како одговорни луѓе ќе го чуваме, промовираме и ќе ја раскажуваме вистината за Разловци која мора да ја слушаат нашите деца, да ја научат и да ја знаат, за да ја остават на своите наследници како аманет, нагласи Гоцевски.

Премиерот Христијан Мицковски во своето обраќање потенцираше дека треба да ја чуваме и да ја градиме државата и да не дозволиме никој да ја понижува. Во говорот тој повика на обединување за државните и националните интереси затоа што, како што рече, ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца.

И кога денес се поклонуваме пред хероите од Разловци, мора да разбереме дека нивната борба не била само за тогашното време. Таа борба трае и денес, само во поинаква форма. Денес, татковината не ја браниме со пушка в рака. Денес, ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но, суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас – рече премиерот.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во својот говор истакна дека јунаците на Разловци не ја победија империјата, но ја победија тишината.

Да не постоеја малите и неуспшни востанија, немаше да постојат ни големите победи. Разловци е токму такво село, кое пред век и половина се осмели да разговара со вечноста. Народ што ја чува сопствената меморија, ја чува и својата иднина, рече Љутков.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1B47Ejspgj/