Канонска посета на Архиепископот Стефан во Канада

Пишува: Протојереј Александар Тодоровски

Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, при својата канонска посета на Американско-канадската епархија, чиј надлежен архиереј е Високопреосвештениот Митрополит г. Методиј, овие денови ги посети црковните општини во Канада.

По пристигнувањето во земјата, Архиепископот најпрвин ја посети црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Кембриџ, каде што изврши свечено осветување на новите фрески. Веќе следниот ден, на 4 септември, со голема радост и торжествен пречек беше дочекан од верниот народ во храмот „Св. Димитрија Солунски“ во Маркам.

Следуваа посетите на црквата „Св. вмч-ца Недела“ во Ејџекс и црквата „Св. Наум Охридски“ во Хамилтон, каде што бројните верници со особена побожност се собраа да го пречекаат својот Архиепископ и духовен татко.

Во саботата, на 6 септември 2025 година, во сослужение со надлежниот архиереј, Високопреосвештениот Митрополит Американско-канадски г. Методиј, во црквата „Св. Илија“ – Мисисага, беше отслужена торжествена Света Архиерејска Литургија, со која уште еднаш се потврди духовното единство на македонските православни верници во Канада.

Овие денови ќе останат запаметени како особено значајна духовна радост за сите верни чеда на Американско-канадската епархија во Онтарио, Канада. Во сите посети, Архиепископот беше топло и со љубов пречекан, а преку своите архипастирски слова верниците ги укрепуваше во верата, духовноста, националното богатство и македонскиот идентитет, потсетувајќи нè на корените, наследството и духовната сила на македонскиот народ, оставајќи длабока и незаборавна трага кај сите присутни.

Примарната цел на канонската посета на Архиепископот во Канада беше поканата од надлежниот Митрополит г. Методиј, по повод големиот јубилеј – 60 години од осветувањето на епархискиот соборен храм „Св. Климент Охридски“ – Торонто, кој свечено се одбележа во периодот од 5 до 7 септември 2025 година.